Почитуван г. Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија и шеф на делегацијата на ЕУ во С. Македонија,
Ви се обраќам како Претседател на Македонската асоцијација на новинари - МАН, професиoнална организација, која според последниот упис во Министерството за информатичко општество е новинарска организација со најмногу членови во државата, која постои и работи повеќе од 20 години.
Имав прилика од соопштение на ЗНМ – Здружение на новинари на Македонија да видам дека сте имале посета во таа организација од која ЗНМ објавува заклучок: “ЕУ солидарно со новинарите: Осуда на агресивните кампањи и говорот на омраза“.
Од текстот на објавата можам да заклучам дека се обиделе да Ве информираат за некакви притисоци врз новинари и “новинари“ со кои им се попречувала работата, а Вие од тие информации сте побарале од македонските судови да ги заштитат од “говор на омраза“.
Почитуван господине Рокас, јас сум искусен новинар, образуван на Универзитетот Шефилд и обучуван од BBC – Велика Британија, CNN (САД), Алфа ТВ (Грција) и слични реномирани и докажани медиуми, а повеќе од 15 години до скоро бев заменик-главен и одговорен уредник во ТВ Сител, како и 7 години претседател на МАН – Македонската асоцијација на новинари).
Со таа референца, искуство и стручност и познавањето на работата на Здружението на новинари на Македонија - ЗНМ, организација формирана во комунистичкиот режим и деловен простор во кој сте примени – подарен од партијата СДСМ во време на нивната власт, можам да заклучам дека, за жал, сте злупотребени со дезинформации и од нивна страна свесно градење алиби заштита за нивните дела и активности.
Почитуван господине Рокас, вашите соработници со подолг стаж во вашата институција можат да Ве потсетат, бидејќи Вие сте од скоро во Македонија, какви прогони на новинари, односно истите десетина луѓе кои можеме да ги видиме на фотографиите до вас, какви прогони на новинари вршеле и поттикнувале во последните десетина години: над 30 пријави, тужби, објавување приватни телефонски разговори незаконски снимени, закани, навреди, поттикнување на насилства, демонстрации на сила пред домови и редакции на наши членови, повик за убиства (од Б.Тричковски и други...) имаат направено тие луѓе против новинари – членови на Македонската асоцијација на новинари – МАН.
Никогаш ниту Македонската асоцијација на новинари - МАН, ниту некој од активистите на раководството на асоцијацијата не добил за себе или за својата редакција никаква финансиска помош, донација или грант за новинарски проект.
Почитуван господине Рокас, сте присуствувале на сесија на која десетина луѓе се борат за пари, ексклузивитет за користење европски и други фондови и грантови, и блокирање на било какво прашање до нив, истражување или објавување за што тие пари ги користеле, со кого ги користеле и можни коруптивни дејствија во врска со парите од фондови и донации.
Нивната реакција да Ве користат како штит доаѓа по информациите од новата власт во Соединетите американски држави, од документи и изјави на официјални преставници на властите во Вашингтон, дека постои корупција со исплата на фондови од УСАИД во регионот, како и Македонија.
Минатата недела во Конгресот на САД имаше јавно сведочење за исплата на пари од УСАИД на Сашка Цветковска, присутна на состанокот со Вас, која патем не е новинар туку на состанокот настапува преку ИРЛ – невладина организација, а таа е директно посочена во Конгресот како корисник на пари од УСАИД со изнесени факти за коруптивни цели, како и други исплати на сомнителни фондови и грантови поврзани со групата која Ви била домаќин.
Почитуван господине Рокас, во Македонија, како и јас лично, имаме респект кон Вашата работа и институцијата која ја преставувате и од тие причини не ни е сеедно со каков заклучок и изјави сте излегле од таа средба.
А според објавеното на сајтот на ЗНМ, вие сте им дале заштита да ние како новинари не смееме да им поставуваме прашања, не смееме да истражуваме сомневања за корупција со парите кои се примени, несмееме да ја критикуваме нивната работа, бидејќи сте прифатиле дека сето тоа е потенцијален говор на омраза.
Дали во ЕУ или во вашата земја Грција, тоа е говор на омраза или новинарско истражување за борба против корупција?
Многумина во јавноста, а и меѓу новинарите ова би можеле да го доживеат како дипломатско мешање во работата на новинарите во државава и заштита од сомневањата и истражувањата за корупција.
Почитуван господине Рокас, би Ве потсетила на упатства и судска пракса во Судот за човекови права во Стразбур, дека новинар има право и обврска да истражува корупција во своето општество, без оглед кој во неа учествувал и дека локалните судови не можат да покренуват судски постапки и бараат одговорност за таквите активности на новинарот.
Накусо, нема никаков говор на омраза ниту од тој ваш состанок се посочени примери за тоа, туку кај вашите домаќини од ЗНМ постои страв од новинарско истражување кое е веќе во развиена фаза. Контактираме со надлежни луѓе од властите во САД кои се занимаваат со сомневања за корупција при поделба и трошење на парите од УСАИД, помеѓу останатото и во Македонија и во догледно време очекуваме да имаме комплетирање на документација во врска со тоа, по пример на документите и истрагите кои веќе се најавени или отпочнати во Босна и Херцеговина и Србија.
Истражуваме во таа насока и за соменавања за корупција и во Македонија, и од кое истражување веќе имаме усмени потврди и докази за вршена корупција со европски и американски фондови со учество на локални политичари во нашата држава во корупцијата, и очекуваме усмените изјави да се претворат во писмени сведочења, а потоа обвинителството да си ја работи својата работа понатаму.
Почитуван господине Рокас, жалам што не сте нашле причина и време да се сретнете со Македонската асоцијација на новинари МАН за да имате увид и во нашата работа и проблемите на нашите членови, како и да изнесете свои ставови откако ќе ги слушнете двете страни на приказната.
Од наведените причини, Ве молам колку е можно поскоро да ми дадете и термин и посочите место на кое би се сретнале со раководстовто на МАН, што би било од корист и за вас и вашето целосно и прецизно формирање на став и мислење, а и за нас кои преставуваме најголем дел од новинарите во Македонија.
Со почит,
Ивона Талевска,
Претседател на Македонска асоцијација на новинари МАН
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата