Нова инвестиција на компанијата „Џаво отомотив“ во ТИРЗ Тетово, која се очекува да отвори речиси 500 работни места - објавија денеска премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Како што рекоа Мицкоски и Дурмиши на прес-конференцијата во Владата, инвестицијата вредна 20 милиони евра е уште една потврда за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските вложувачи, но и за довербата што тие ја имаат во нашата економија.
- Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоен објкект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да иневстира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Труција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима - истакна Мицкоски.
Годишниот планиран извоз на компанијата е 45 милиони евра.
Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, инвестицијата е потврда дека Македонија станува сè попривлечна за компании што носат современи технологии, нови производствени капацитети и квалитетбни работни места. Одлуката на компанијата дел од производството да пренесе во нашата земја, напомена Дурмиши, е силен сигнал за довербата во македонската економија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата