Во ЕУ има различни стандарди за земјите-членки и заштита на малцинствата

ВО РЕГИОНОТ ИМА СИЛИ КОИ САКААТ ДА ГО НЕГИРААТ СЕКОЈ МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ

Vecer | 29.11.2026

ВО РЕГИОНОТ ИМА СИЛИ КОИ САКААТ ДА ГО НЕГИРААТ СЕКОЈ МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, призна дека во регионот постојат силни сили кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет, a посочи и на различните стандарди во Европската Унија во однос на заштитата на националните малцинства.

Леврат ова го истакна во одговор на обраќањето на претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски на меѓународен состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран во седиштето на ОН во Женева.

Стерјовски ја покрена состојбата и предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија, укажувајќи на политичкиот притисок што, според него, Бугарија го врши врз Албанија користејќи го своето членство во ЕУ и влијанието во процесот на европска интеграција.

Тој посочи дека целта е да се промовираат тврдењата дека Македонците во Албанија се Бугари.

– Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како предност за притисок врз земјата да прифати политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија – истакна Стерјовски.

Тој укажа и на обидите за промовирање бугарски идентитет меѓу припадниците на македонската заедница преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.

Според Стерјовски, македонското малцинство се соочува со проблеми во остварувањето на правото на образование на мајчин јазик, институционална поддршка за зачувување на јазикот и културата, политичка застапеност и економски развој на областите во кои живее.

Фото: Македонска алијанса за европска интеграција
Фото: Македонска алијанса за европска интеграција

Во одговор на изнесените забелешки, специјалниот известувач на ОН, Леврат посочи дека македонското прашање е сложено и дека во регионот постојат сили кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет.

– Природно, македонското прашање е сложено. Како што знаете, тоа се однесува дури и на името на земјата. Според тоа, сосема е јасно дека во регионот постојат силни сили кои сакаат да го негираат секој македонски идентитет како таков – изјави Леврат.

Осврнувајќи се на европската интеграција и заштитата на националните малцинства, тој потсети дека почитувањето на малцинските права е дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ.

Притоа, Леврат укажа на различниот пристап на земјите-членки кон ова прашање.

– Земјите-членки што ѝ пристапија на Европската Унија по 2000 година имаа сосема јасна обврска за соодветна заштита на малцинствата. Од друга страна, некои земји-членки на ЕУ понекогаш дури и го негираат самиот концепт на заштита на малцинствата. Според тоа, во рамките на ЕУ постојат, на некој начин, различни стандарди кога станува збор за земјите-членки и заштитата на малцинствата – истакна специјалниот известувач на ОН.

Леврат додаде дека досегашниот пристап кон заштитата на малцинствата главно бил насочен кон општата заштита на малцинските права, без прецизно навлегување во прашањето за дефинирањето и утврдувањето на идентитетот на едно малцинство.

Во однос на состојбите во регионот, тој посочи дека ситуацијата ја следат Советот на Европа и ОБСЕ, но дека засега нема конкретен правец во кој би се развивале понатамошните активности.

– Сепак, внимателно ја следам ситуацијата – нагласи Леврат, објаснувајќи дека, со оглед на ограничените ресурси на неговиот мандат и постоењето на европски механизми за следење на малцинските права, смета дека нема потреба од дуплирање на веќе воспоставените процеси.

Учеството на Стерјовски на меѓународниот состанок претставуваше можност пред Обединетите Нации директно да бидат презентирани прашањата поврзани со положбата, идентитетот и правата на Македонците во Албанија, соопшти Македонската алијанса за европска интеграција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk