Општина Центар воведува нов модел за паркирање со кој, како што велат надлежните, јавниот простор ќе се користи пофер и порационално, а жителите полесно ќе доаѓаат до паркинг место во близина на својот дом.
Со зголемувањето на бројот на возила и ограничениот простор за паркирање, особено во Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и централното градско подрачје, од Општината нагласуваат дека досегашниот систем создал нерамномерна распределба и зголемен притисок врз јавните паркинзи.
Според новите правила, повластените паркинг карти повеќе нема да се издаваат по жител, туку по станбена единица, односно по адреса.
Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) објаснуваат дека досегашниот модел овозможувал едно домаќинство да регистрира повеќе возила под повластени услови, што дополнително го оптоварувало паркинг просторот.
„Паркинг просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, додека други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Затоа воведуваме систем кој треба да обезбеди поправедна распределба и поодржливо управување со паркирањето“, информираат од ПОЦ.
Со новиот модел, првото возило во едно домаќинство ќе има право на бесплатно повластено паркирање. За второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, додека за третото возило цената ќе изнесува 1.500 денари.
Од претпријатието нагласуваат дека мерката не е рестрикција, туку обид за воспоставување баланс меѓу реалните потреби на граѓаните и ограничениот јавен простор.
Покрај новите правила, од ПОЦ најавуваат дека приходите ќе се насочат кон проширување на паркинг капацитетите, подобро искористување на постојните простори, како и модернизација и дигитализација на системот за паркирање.
Целта, како што велат од претпријатието, е создавање поуреден сообраќаен систем, помал метеж и поквалитетно урбано живеење во општина Центар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата