Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати силен и инспиративен апел до младите во државата, порачувајќи дека вистинскиот успех и личниот просперитет најцврсто се градат на родната грутка. На Регионалната министерска конференција посветена на демографската отпорност, тој истакна дека Владата започнува со спроведување на нова, системска стратегија која ќе овозможи секој граѓанин да гледа сигурна иднина во својата татковина.
Мицкоски потенцираше дека времето кога на демографските промени се гледаше само како на сува статистика е завршено. Наместо краткорочни мерки кои реагираат доцна и фрагментирано, новиот владин пристап е насочен кон подигнување на квалитетот на животот и враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава со цел создавање амбиент во кој семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено.
Како клучен одговор на овие предизвици, премиерот ја најави Стратегијата за демографска отпорност за периодот 2026 – 2046 година. Овој документ не е замислен како формален лист хартија, туку како функционална национална рамка за иднината на државата преку која Владата ја заменува политиката на страв со политика на отпорност, нудејќи системски решенија кои директно произлегуваат од потребите на луѓето.
Во своето обраќање, Мицкоски ги повика граѓаните на колективна одговорност кон татковината, порачувајќи дека не може континуирано да се бара од системот без притоа сите заедно да придонесуваме за неговата стабилност. Тој беше дециден дека каков систем ќе изградиме, таков и ќе ни врати, нагласувајќи дека секој поединец е важен во процесот на градење посилна економија и подобри услови за живот.
Посебна порака беше упатена до младите генерации, кои премиерот ги повика своите соништа да ги остваруваат во Македонија. Тој апелираше младите да не придонесуваат во туѓи економии, туку да бидат двигатели на промените во сопствената земја.
Според него, само преку силна работа и верба во домашните капацитети може да се обезбеди заедничката иднина во заедничката татковина, потенцирајќи дека дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка среќа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата