ПОЛСКА ЈА ПОТВРДИ ПОДДРШКАТА ЗА МАКЕДОНИЈА - Надеж за пробив во односите со Софија

Vecer | 27.10.2026

ПОЛСКА ЈА ПОТВРДИ ПОДДРШКАТА ЗА МАКЕДОНИЈА - Надеж за пробив во односите со Софија

Полска ја потврди поддршката за членството на Македонија во Европската Унија за време на посетата на Скопје на потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, кој се сретна со претставници на Собранието и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.

На средбата со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Полска, Холовња ја потврдил поддршката за европскиот пат на Македонија и изразил надеж дека ќе бидат надминати отворените прашања меѓу Скопје и Софија.

На разговорите присуствувале претседателката на групата, Даниела Николова, и пратениците Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Покрај европската интеграција, соговорниците разговарале и за продлабочување на соработката во економијата, туризмот и во образованието, како и за почести контакти меѓу парламентарните комисии и другите институции.

Претходно, потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, се сретнал со Холовња, со кого разговарал за билатералните односи и за европската интеграција. Милошоски истакнал дека напредокот на Македонија кон членството во ЕУ треба да се оценува врз основа на објективни критериуми и на спроведени реформи.

Соговорниците го оцениле проширувањето на ЕУ како важно за стабилноста на Европа, а разговарале и за можностите за зголемување на трговската размена и инвестициите меѓу двете земји.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk