Секоја генерација има свој Илинден и своја историска одговорност, а задачата на денешната генерација е да изгради силна, праведна и просперитетна држава од која младите нема да заминуваат, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод Денот на Републиката – 2 Август.
Премиерот истакна дека почитта кон илинденците и асномците не треба да биде само формалност, туку поттик за преиспитување на сопствената одговорност кон татковината.
„Кога денес ги споменуваме Илинденците и се поклонуваме на делото на државотворците од АСНОМ и кога ги изговараме нивните имиња, не го правиме тоа само од почит кон минатото, туку затоа што сакаме да си поставиме едно исклучително важно прашање – дали сме достојни наследници на нивната жртва и дали доволно храбро ја носиме одговорноста што ни ја оставија. Историјата не бара од нас да ги повторуваме нивните чекори, историјата бара да ја покажеме истата храброст затоа што секоја генерација има свој Илинден. Некои генерации се бореле против империи, некои пак, се бореле за држава. Некои генерации ја бранеле слободата со оружје, а нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача – да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи, да се создава, да се основа семејство и да се гради иднина тука. Дома, во својата татковина“, порача Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата