logo
logo
logo

“80% ОД НОВОИЗГРАДЕНИТЕ СТАНОВИ ГИ ГРАДАТ ПРИУЧЕНИ...“ Ова се проблемите за скапа цена и ефтина измама

Vecer | 24.01.2026

“80% ОД НОВОИЗГРАДЕНИТЕ СТАНОВИ ГИ ГРАДАТ ПРИУЧЕНИ...“ Ова се проблемите за скапа цена и ефтина измама

Пукаат цевки, од влага неколку пати мувлосале елементите во кујна, поради лоша поврзаност на вентилацијата кога се готви во еден, мириса во друг стан...Вакви проблеми има скопјанецот Атанас Ј. и по девет години откако купил стан во една од комплексот згради на улица „Македонска војска“ во скопската општина Ѓорче Петров.

Кога протече над нас, лом ни направи - кујната стана неупотреблива, дури и рингла се расипа, одново и варосувавме. Гаражата која е на ниво - 1, на секој дожд целосно се поплавува. Влезот пред зградата е толку лошо направен што баш тука се собира вода. Нема никаква звучна изолација, соседите ги слушаме како да седат кај нас во дневна соба дури и кога тивко разговараат“, вели Атанас за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Цената на становите во новоградбите во поатрактивните општини во Скопје надминува по 2.500 евра за квадрат и веќе е споредлива со цените во европски градови. Просечна цена на квадрат во Солун е 3.270 евра, во Рига во Латвија е 2.720 евра, во Дортмунд во Германија е 2.700 евра, според онлајн базата на страницата Numbeo.com.

Најголема постигната цена за квадратен метар во Скопје е 189.231 денари( 280.000 евра) за стан од 91 квадрат во општина Центар, според последниот извештај на Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар за третиот квартал од 2025 година (1 јули - 30 септември).

Или, 3.076 евра за метар квадратен.

Атанас раскажува дека зградата ја граделе двајца инвеститори - едниот непарните, а другиот парните катови. Па, на местото каде на еден кат има кујна на другиот кат над него е направено купатило - кога пукаат цевки, вода од купатилата тече во кујните.

Слични проблеми има и Моника Младеновиќ, која во 2023 година се вселила во новоградба во населба Тафталиџе. Станот го купила две години претходно, по 1.250 евра за метар квадратен.

По една недела откако се вселивме, се поплавија кујната и купатилото. Не можевме да закачиме телевизор на ѕидот затоа што под гипс-гартон имаше гола црвена цигла, без малтер, без ништо. Вентилацијата не функционира. Долго време немавме имотен лист, а договор за купопродажба на станот се направи дури откако го добивме имотниот лист. На паркингот уште висат железни шипки, не е безбедно“, вели Младеновиќ за РСЕ.

На другиот крај од градот, во населбата Ново Лисиче, скопјанката Марија Најдова по секое туширање ја собира водата од купатилото затоа што тече обратно наместо накај сифонот.

„Вода уште не беше приклучена во зградата, а купатилата беа направени. Проблемот е затоа што не е погоден „падот“ на водата. Се жалевме, дојдоа мајстори, ги прелепија плочките и пак е исто“, вели Најдова, исто така вселена во нова зграда.

Профитот - главен интерес

Слични проблеми има во најголем број од новоградбите, проценува архитектот Никола Велковски, поранешен главен архитект на Скопје и екс претседател на Градежната комора.

Според него, 80 отсто од приватните инвеститори не се градежни фирми, туку луѓе кои воопшто не се во секторот, градат еднаш или најмногу неколку пати во зависност колку локации ќе добијат, имаат и други бизниси и краен интерес им е профитот.

Сметам дека новите градби се сигурни во делот на статиката, но се друго е паушално и неквалитетно. За око убаво изгледа, убаво го претставуваат, но купувачот после ќе ги види недостатоците. Квалитетот е на најниско ниво што може да постои - изјави Велковски за РСЕ.

Според него, проблемот настанува уште при првиот чекор, изработката на проект.

Важно им е не кој знае, туку кој е најевтин. Изведувачите многу често не се класични изведувачи, туку групи мајстори со кои нема инжинер да го контролира квалитетот на работите. Надзорот во најголем дел е паушален, ќе земат некој колку да им напише технички извештај на крај, а во тек на градба го нема никаде. Купувачите се заведени, на хартија има и надзор и се што треба, а во пракса го нема“, вели тој.

Недостатоците во квалитетот на градбите се показател за поширок проблем во станбеното градење, велат и од Организацијата за домување и станари (ОДС), граѓанско здружение кое работи на пристапно и пристојно домување и заштитени граѓански права.

Станува збор за последици од брза и неквалитетна изведба, недоволна контрола на градежните фази и користење материјали со низок квалитет. Овие проблеми најчесто укажуваат на системски пропусти во проектирањето и изведбата на објектот. Дополнителен проблем е што граѓаните често немаат доволно јасни договори, не се информирани за своите права или немаат механизми за ефективна заштита, па во пракса тешко доаѓаат до поправки или обештетување. Ова создава чувство на немоќ и недоверба во системот“, велат од оваа организација.

Без контрола на квалитетот, купувачите оставени сами на себе

Според законите, контрола на градбите вршат повеќе институции.

Министерството за транспорт и врски е надлежно за законската регулатива, директната контрола на изградбата останува на локално ниво. Општините издаваат дозволи за градба, следат дали се почитуваат роковите за изградба, според Законот за градење.

Но, градежните инспектори не се надлежни да го проверат квалитетот на становите. Тоа го прават фирми за надзор кои инвеститорот сам ги ангажира, иако надзорот треба да биде независен од фирмата што гради.

Или, тој што гради, тој одлучува и кој ќе го контролира.

Од јули до септември 2025 најмногу продадени станови имало во скопската општина Центар (611), според Регистарот на цени и закупнини на недвижностите. Следуваат Аеродром со 515 и Карпош со 440 трансакции за купопродажби и закупи на станови.

Општината не е надлежна за утврдување на квалитетот на завршените станови, тоа се регулира со договор мегу изведувачот (инвеститорот) и клиентот“, ни одговорија од општина Центар.

Секоја зграда треба да има избрана фирма која е лиценциран управител со станбени објекти. Во моментов има 62 такви фирми со лиценци. Но и на нив рацете им се врзани.

Има реакции и кај нас, многубројни се. Многу згради немаат хидрантски мрежи и противпожарни апарати. Граѓанин купил гаража, а нема отвор да влезе во гаражата. Или, направени паркинг места на шини, па нема пристап до нив. Или, инвеститор ги продал и заедничките простории во зградата. Ако зградата е во гарантен рок, ние се обраќаме до инвеститорот, па има посредување, преговарање..Но, откако ќе ги предаде клучевите, одговорноста на инвеститорот како да престанува“, ни рече управителка на една таква фирма.

Во државата има и Регулаторна комисија за домување, но и таа не е надлежна за контрола на квалитетот на новоизградените станови.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk