Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата е целосно подготвена за предстојната грејна сезона и располага со доволни количини енергенси, дури и за зголемената потрошувачка и потребите на граѓаните од соседните земји кои ги користат домашните капацитети.
Сепак, владните антикризни мерки и намалувањата на даноците отвораат нови фискални предизвици. Според најавите, државата најверојатно ќе мора да направи нов ребаланс на буџетот бидејќи само по основ на намалената акциза се проценува дека ќе недостасуваат околу 5 милијарди денари.
„Имаме количини дури и за зголемениот конзум и за зголемените количества коишто граѓаните од соседните земји ги користат. Се на се, не очекувам некои поголеми предизвици за време на грејната сезона. Тоа што за нас останува предизвик, бидејќи сите мерки си имаат своја цена, најверојатно ќе мора да направиме уште еден ребаланс на буџетот бидејќи само по основ на акциза, проценките се дека ќе недостасуваат околу 5 милијарди денари. Ако на тоа се додаде и намалениот ДДВ, посебно за дизел горивото, коешто е намалено, доаѓаме до бројка од 7-8 милијарди денари, што не може да биде покриено со прераспределба, ќе мора да се направи ребаланс, но наш приоритет е да го штитиме стандардот на граѓаните и така ќе продолжиме“, рече премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата