Издавањето сместувачки капацитети преку Booking нуди предности и привлекува гости од многу земји, но оние кои веќе се присутни на платформата велат дека има и недостатоци, затоа што се случува гостите да резервираат сместување, а да не дојдат или да оставаат негативни коментари, со што се уништува репутацијата на објектот.
„Се случува често некој да резервира, а да не дојде и просторот останува празен. Некогаш и гостите оставаат тенденциозни коментари“, велат од вила Натали од Охрид.
На booking некои сместувачки капацитети имаат високи оценки, некои се со просечни, но дел имаат и навистина слаби оценки. Ако еден објект успеал да има рејтинг 10, има и такви кои се со 6.5.
„Многу повеќе се заштитени и лажните гости и реалните за разлика од издавачите кои се партнери. Иако гостинот не дошол, а ми ставил слаба оценка, докажувам дека ми откажал, ми пишал дека продолжил за Белград, сепак не ја избришаа оценката и заминав од booking, а имаше и некои недоследности при плаќање. Кога би имал повеќе капацитети, би се префрлил на airbnb“, вели човек кој издава сместувачки капацитет во Дојран.
Охриѓани објаснуваат дека не само странците, туку и Македонците си бараат сместување преку booking.
„Booking е интерeсен затоа што привлeкува странци и наши туристи, инаку од каде ќе дојде кај мене некој од Нов Зеланд? Сепак не сме заштитени во случај ако гостинот не дојде, додека хотелите им земаат процент ако откажат, а ние ништо не земаме. Има ризик гостинот да не се појави. Се случувало и тоа. Го резервира апартманот, но не доаѓа и потоа бараме други гости. Има и гости кои ќе остават незгоден коментар, колку и да се услужени, но тоа е така и во животот, има луѓе кои се пребирливи и луѓе кои не се многу пребирливи.
Многу македонски туристи резервираат преку booking и тие и балканските посетители се одлични. Во период кога нема гости, ставам некоја пониска цена и кога ќе се одбие провизијата за booking, за чистачка и перење и пеглање, за мене нема ништо, но се бориме бидејќи конкуренцијата е голема“, велат од охридски апартман.
Друг охриѓанец раскажува дека во зима почесто се случува луѓето да резервираат апартман, а да не дојдат.
„Има луѓе што ќе резервираат и не доаѓаат. Тоа повеќе се случува за Нова година, во лето има, ама не е често. Преку лето 10 отсто од луѓето кои резервирале, не се појавуваат. Во зима тоа е почесто, прават резервации, а не доаѓаат.
Има и наши и странци кои постапуваат така. Секој човек не е ист, зависи до карактерот и на некој колку и да му удоволиме, нешто ќе фали. За да дојдете до висока оценка потребни се многу позитивни коментари. Еден лош коментар ја намалува оценката и тешко е потоа да се крене рејтингот.
Имавме домашни гости кои беа услужени на високо ниво, пријателски пречекани и потоа ставија оценка 1. Сите кои издаваат во Охрид го имаат истиот проблем и секој се труди да биде пољубезен, не сакаме никој да си оди со лошо искуство“, додава охриѓанец кој издава апартман.
Илјадници македонски сместувачки капацитети се на Booking.
Предничат по бројност капацитетите во Охрид и Скопје, но и голем број беровчани, крушевчани, дојранчани, стружани се трудат на овој начин да се поврзат со туристи од целиот свет. Сепак, има и градови во внатрешноста со само неколку или само еден објект кој е достапен на booking.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата