Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Горан Ангеловски, денеска присуствуваа на официјалното предавање на 33 нови полициски мотоцикли и комплетна заштитна опрема, обезбедени од РСБСП за потребите на Министерството.

Како што информираат од МВР, станува збор за 33 мотоцикли од марката „Piaggio Beverly 310 HPE“, во полициска изведба, и исто толку комплети мотоциклистичка опрема, кои вклучуваат заштитни кациги, јакни, панталони, чизми и летни и зимски ракавици. Како што посочуваат, вкупната вредност на набавката изнесува 16.845.561 денари, а новата опрема ќе придонесе за поголема мобилност, поефикасно регулирање на сообраќајот и подобри услови за работа на полициските службеници.

Министерот Тошковски истакнал дека оваа набавка е уште еден конкретен резултат од успешната соработка меѓу МВР и РСБСП, институции кои имаат заедничка цел – континуирано унапредување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и жртви на патиштата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата