Македонија ја подобрува сајбер безбедноста се искачила за 29 позиции на глобалниот индекс

Vecer | 13.08.2026

Македонија ја подобрува сајбер безбедноста се искачила за 29 позиции на глобалниот индекс
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Македонија бележи значителен напредок на Глобалниот индекс за кибер-безбедност (National Cyber Security Index – NCSI), искачувајќи се за 29 позиции и достигнувајќи го 30. место меѓу 155 рангирани држави и територии.

Со резултат од 84,17 поени од можни 100, државата се вбројува меѓу земјите со високо ниво на подготвеност за спречување сајбер-закани и за управување со кибер-инциденти. Напредокот е забележан и во меѓународните медиуми, кои ја издвојуваат Македонија меѓу земјите што во последниот период оствариле забележително подобрување во националните капацитети за сајбер-безбедност.

Глобалниот индекс за сајбер-безбедност го развива естонската „Академија за е-управување“ (e-Governance Academy – eGA). Индексот ја оценува подготвеноста на државите преку 49 индикатори распоредени во 12 области, опфаќајќи ги стратешките, превентивните и капацитетите за одговор на кибер-закани. Оценувањето се заснова на јавно достапни закони, официјални документи, институционални механизми и докази за практично спроведени мерки.

Според најновите податоци, Македонија има максимални оценки во повеќе клучни области, меѓу кои политиките за сајбер-безбедност, заштитата на критичната информациска инфраструктура, образованието и професионалниот развој, заштитата на личните податоци, одговорот на кибер-инциденти и борбата против компјутерскиот криминал.

„Скокот од 29 позиции е меѓународна потврда дека реформите што ги спроведуваме создаваат конкретни и мерливи резултати. Во изминатиот период воспоставивме појасна институционална одговорност, современа законска рамка и посилни механизми за заштита на критичната инфраструктура и за одговор на сајбер-инциденти. Овој резултат не е крајна цел, туку обврска да продолжиме уште поинтензивно да ја градиме кибер-отпорноста на државата“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Напредокот е резултат на координираната работа на институциите и на повеќе преземени системски чекори, меѓу кои донесувањето на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, усвојувањето на Стратегијата за кибер-безбедност 2025–2028 и Акцискиот план за нејзино спроведување, воспоставувањето механизми за национална координација и зајакнувањето на капацитетите за пријавување и справување со сајбер-инциденти.

Новата законска рамка ги утврдува надлежностите на Министерството за дигитална трансформација во областа на безбедноста на мрежните и информациските системи, воведува обврски за управување со кибер-ризици и пријавување инциденти и ја зајакнува заштитата на суштинските и важните субјекти.

Министерството ќе продолжи со спроведување на Стратегијата и Акцискиот план, јакнење на националните капацитети за превенција и одговор, развој на стручниот кадар, подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите и продлабочување на меѓународната соработка.

Безбедна дигитална држава значи сигурни јавни услуги, заштитени податоци, отпорна критична инфраструктура и поголема доверба на граѓаните во процесот на дигитална трансформација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk