Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил бројни неправилности во работењето на трговските друштва основани преку заеднички вложувања меѓу Државна лотарија и приватни компании за приредување интернет и електронски игри на среќа. Ревизорите откриле неусогласености во договорите, неуплатени парични влогови, спорни набавки и недоволна контрола врз приредувањето игри на среќа.
Според извештајот, приватните партнери имале обврска да вложат повеќе од 2,1 милиони евра во период од три години, иако во договорите за основање на друштвата бил предвиден значително помал износ, со рок за уплата од една година.
Како пример се наведува компанијата „Државна лотарија – Везув“, каде што од договорените 2,17 милиони евра, до моментот на ревизијата биле уплатени само околу 146 илјади евра. Ревизорите констатирале дека ваквата динамика на уплата не е во согласност со Законот за трговските друштва, а кај дел од компаниите неуплатените средства не биле соодветно евидентирани во сметководствената документација.
Долгорочни договори со само една понуда
Неправилности биле утврдени и при изборот на компании за обезбедување софтвер, интернет-платформи и техничка поддршка. Според ДЗР, постапките се спроведувале без примена на Законот за јавните набавки, а во најголем дел од случаите пристигнувала само една понуда.
На тој начин биле склучувани договори со времетраење од 10 до 15 години.
Дополнително, кај неколку друштва недостасувала документација со која би се потврдило оправданото трошење на средствата. Утврдени биле и неправилности при закуп на деловен простор, авансни плаќања пред потпишување договори, како и позајмици на поврзани компании без потребното одобрување.
Интернет игри на среќа без приложени лиценци
Особено внимание во ревизорскиот извештај е посветено на законитоста на приредувањето интернет игри на среќа. Ревизорите констатирале дека друштвата работеле врз основа на таканаречено „пренесено право“, но не им бил доставен ниту еден официјален документ за издадена лиценца.
Кај „ДВЛМ – Касинос Аустрија“ било утврдено дека компанијата продолжила да организира интернет игри на среќа и по истекот на договорениот рок во 2016 година, сè до октомври 2024 година.
Во меѓувреме, по одлуките на Владата од септември 2024 година, Државна лотарија поднела тужби за престанок на друштвата „Моззарт“, „77 Битс“ и „Везув“. Судските постапки сè уште се во тек, додека дел од компаниите веќе престанале со организирање онлајн игри.
Недостасуваат законски правила и ефикасен надзор
Ревизијата открила и сериозни недостатоци во регулативата. Иако било предвидено донесување подзаконски акти, надлежното министерство не ги обезбедило потребните правила за лиценцирање, технички стандарди, проверка на софтверот и контрола на електронските терминали.
Не бил воспоставен ниту надзорен информациски систем преку кој државата би можела да ги следи уплатите, исплатите, прометот и приходите од електронските игри на среќа.
Според податоците од Министерството за дигитална трансформација, до јануари 2026 година биле поднесени барања за ограничување на пристапот до 307 интернет-страници и апликации за игри на среќа.
Сепак, ревизорите предупредуваат дека и покрај преземените мерки, од територијата на Македонија и понатаму може да се пристапи до интернет-платформи кои приредуваат игри на среќа без соодветна лиценца.

Државна лотарија постапува по забелешките на Државниот завод за ревизија
Државна лотарија презеде мерки за отстранување на наследените неправилности уште пред изработувањето и објавувањето на извештаите на Државниот завод за ревизија.
Ревизијата на работењето на Државната Лотарија во овие постапки од страна на Државниот завод за ревизија беше по наше барање и иницијатива. Таа постапка беше иницирана во првиот месец после назначување на новиот менаџмент.
Новото раководство на Државна Лотарија не го чекаше доставувањето и објавување за да постапи по слабостите наследени од претходното раководство, туку иницираше конкретни постапки за прекин на спорните активности и усогласување на работењето со законските обврски.
Ова е суштински факт за правилно информирање на јавноста. Преземените мерки не се одговор на актуелните медиумски објави, туку дел од веќе започнат процес на решавање на наследените проблеми. Нивната цел е да се запре продолжувањето на спорните практики, да се заштити јавниот интерес и да се воспостави одговорно корпоративно управување, а во заштита на државниот интерес и капитал.
Државна лотарија со целосна сериозност пристапи кон наодите и препораките на Државниот завод за ревизија. Тие се важна основа и за понатамошно постапување како и за дополнително зајакнување на контролата и законитоста во работењето. Нашата обврска беше и е, утврдените слабости констатирани од наша страна, а се однесуваат на претходното работење, но и од страна на Државниот завод за ревизија, да се решаваат со конкретни мерки, а не да се релативизираат.
Во согласност со автентичното толкување на одредбите на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Државна лотарија оддамна иницираше судски постапки за престанок на постоењето на друштвата за приредување интернет-игри на среќа. Постапките за „Државна лотарија – Везув“, „Државна лотарија – 77 БИТС“ и „Државна лотарија – Моззарт“ завршија со нивно затворање по судски пат. Тоа се конкретни исходи од постапките што самоиницијативно ги покрена Државна лотарија.
Одделно, на иницијатива на Државна лотарија, затворањето на „Нова државна видео лотарија – НОВО-ВЛТ“ беше реализирано по спогодбен пат, помеѓу двете друштва, во духот на коректни деловни односи. Државна лотарија презеде и постапка за запирање на приредувањето интернет-игри на среќа преку Државна видеолотарија.
Преземените постапки покажуваат дека актуелното раководство активно ги решава наследените состојби преку надлежните институции и со примена на законските механизми.
За новото раководство, одговорното управување подразбира и отстранување на наследените слабости и спречување на нивното повторување. Приоритети на нашата работа и до сега и од сега се јасни правила за донесување одлуки, соодветна документација, финансиска дисциплина и ефикасна внатрешна контрола. Довербата во Државна лотарија треба да се гради врз законито постапување, транспарентност и проверливи резултати.
Државна лотарија самоиницијативно донесе 12 протокли за интерно работење, а во насока на финансиска дисциплина и ефикасна внатрешна контрола.
Државна лотарија останува на располагање на Државниот завод за ревизија и на другите надлежни институции за документација и соработка во понатамошното расчистување на утврдените состојби.
Јавноста ќе биде информирана за преземените активности, со почитување на законските обврски и тековните постапки. Процесот започнат пред објавувањето на ревизорските извештаи продолжува и понатаму, со јасна цел: отстранување на наследените проблеми и одговорно корпоративно управување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата