Битката на денешната генерација е битка за човековиот дух и за зачувување на вербата во сопствената држава, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето илинденско обраќање, предупредувајќи дека најопасниот отров за едно општество е моментот кога народот ќе престане да верува во себе.
Премиерот истакна дека покрај економската и политичката борба, клучниот предизвик е да се победи безнадежноста и да не се дозволи пасивно прифаќање на неправдите.
„Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеа на нас. Денес, не се води само политичка битка, не се води само економска битка, не се води само битка за нови инвестиции и повисоки плати... Денес се води една многу подлабока битка – битка за човековиот дух. Битка за тоа дали ќе дозволиме стравот да стане посилен од надежта, дали ќе дозволиме цинизмот да стане погласен од чесноста, дали ќе дозволиме лагата да стане погласна од вистината, дали ќе дозволиме омразата да стане поголема од љубовта кон татковината. Има нешто што е поопасно од сиромаштијата, има нешто што е поопасно од секоја економска криза. Тоа е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе, кога ќе почне да мисли дека секој обид е однапред осуден на неуспех, кога ќе се помири со просечноста, кога ќе се навикне на неправдата, кога ќе почне да го прифаќа поразот како нормална состојба. Тоа е најопасниот отров што може да влезе во едно општество и тој отров го шират една иста група на луѓе кои за разлика од напатениот народ, секој викенд се на јахти и договараат и се нудат за нови отстапки“, рече Мицкоски.
„Наша задача е да изградиме доверба, чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот“, додаде Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата