logo
logo
logo

Месеци претходно лично бил информиран за нивниот план за санација на СДСМ

ФИЛИПЧЕ ИМ НУДЕЛ ВИСОКИ ФУНКЦИИ НА РЕФОРМАТОРИТЕ ОД „ПЛАТФОРМА 12.05“, тие немаат намера да преговараат со него

Vecer | 09.07.2026

ФИЛИПЧЕ ИМ НУДЕЛ ВИСОКИ ФУНКЦИИ НА РЕФОРМАТОРИТЕ ОД „ПЛАТФОРМА 12.05“, тие немаат намера да преговараат со него

Пратениците од СДСМ кои се дел од „Платформата 12.05“ наречена „Разговори за иднината“ велат дека на покани без датум, време и место за средби со лидерот на СДСМ нема да одговараат, јавува Телма. Нивното соопштение е одговор на најавите на СДСМ дека Извршниот одбор донел одлука да ги повика на дебата, но само внатре во партијата СДСМ „а не преку медиуми“, oткако претходно, на седницата биле презентирани и ставови поостро да се постапи со овие пратеници.

Од Платформата одговориле:

„Ние подолг период дебатираме со бројни искрени членови на СДСМ и поддржувачи кои посакуваат силна опозиција. Но, немаме намера да преговараме со оние кои ги создадоа проблемите. Затоа, му порачуваме на Венко Филипче дека бадијала испраќа луѓе кои ни нудат високи партиски функции. Во СДСМ треба да се случат структурни реформи кои ќе ја вратат партијата на членството. Ова раководство живее во виртуелен свет. Ако Филипче ја говореше вистината, ќе признаеше дека месеци претходно е лично од нас информиран за нашиот план за санација на СДСМ, а тој реши да се обиде да нè дискредитира на најпримитивен начин“.

Организаторите на платформата „Разговори за иднината 12.05“ најавија дека разговорите за иднината продолжуваат со адресирање на вистинските проблеми, без оптоварување со внатрепартиските проблеми на Филипче.

Таканаречената платформа беше промовирана на 1 јули од истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.

Меѓу нив е и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, како и Андреј Петров, Игор Ивановски, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Сашко Митовски и многу други поранешни функционери.

Филипче, пак, во средата нагласи дека т.н. „Платформа“ претставува обид за дефокусирање на јавноста од, како што рече, „тоталниот дебакл на власта“, посочувајќи дека наместо да се зборува за неуспесите на Владата, повторно во фокусот се става СДСМ.

Претходно, Игор Ивановски, поранешен висок функционер на СДСМ,  рече дека го знае Филипче од неговите седумнаесет години и нема ништо лично против него, но нагласи дека тој не успеал да се снајде во партиската лидерска улога.

Превирањата околку Платформата 12.05 почнаа од самиот почеток на нејзино состанување, кога Филипче оцени дека платформата е проект на ВМРО-ДПМНЕ и најави дека органите на СДСМ ќе одлучуваат за учеството на пратеничката Славјанка Петровска.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk