logo
logo
logo

КРУШЕВО СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СВЕТСКАТА ЕЛИТА - градот станува светска параглајдинг престолнина

Vecer | 17.05.2026

КРУШЕВО СЕ ПОДГОТВУВА ЗА СВЕТСКАТА ЕЛИТА - градот станува светска параглајдинг престолнина

Крушево се подготвува за уште една силна туристичка и спортска сезона, со инвестиции кои двојно ќе ја прошират параглајдинг инфраструктурата во градот. По обновата на познатото полетувалиште на Мечкин Камен, градот наскоро ќе добие уште две нови полетувалишта на локацијата Црн Врв. Ова е дел од новиот проект за прекугранична соработка со Општина Елбасан, Албанија, насловен како „Крушево и Елбасан – патување и авантура“.

Со овој проект, на постојните 2.000 метри квадратни простор за полетување, Крушево ќе добие уште толку – две нови полетувалишта, секое со површина од по 1.000 метри квадратни. Како што појаснува Татијана Хасану, раководител на одделението за локален економски развој, капацитетот на Мечкин Камен веќе бил преполн, па за време на професионалните натпревари рекреативните параглајдеристи немале доволно простор за лет. Новите стартови треба да бидат подготвени до август, токму за Европското и Светското јуниорско првенство во параглајдинг.

Милионски инвестиции од ЕУ фондовите

Новиот проект со Елбасан е вреден 830.000 евра и е целосно финансиран од Европската Унија, при што средствата се подеднакво распределени меѓу двете општини. Ова е продолжение на претходниот успешен проект вреден 730.000 евра. Покрај полетувалиштата, во рамки на оваа соработка ќе се уреди и Спортско-рекреативниот центар на Гумење со изградба на нов рекреативен парк кај Крушевското Езеро, со што ќе се збогати понудата за летен туризам.

Зелена агенда: Се подготвува проект за селекција на отпад со Грција

За да го задржи епитетот на чиста и еколошка дестинација, Општина Крушево веќе подготвува и нов проект за прекугранична соработка со Грција. Во моментов се изработува техничка документација за изградба на Центар за селекција на отпадот. Идејата е во градот да се воспостави интегрирано управување со отпадот преку примарна и секундарна селекција, што е клучен предуслов за понатамошен развој на туризмот.

Градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, најави дека сезоната и доаѓањето на параглајдеристите од целиот свет почнува веќе кон крајот на овој месец и почетокот на јуни. Тој потенцираше дека параглајдингот е моторот на крушевскиот туризам и дека новите капацитети дополнително ќе ја зацврстат позицијата на градот меѓу најпосакуваните светски дестинации за овој спорт.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk