Енергетската поврзаност е клучна за поголема сигурност на снабдувањето и за интеграција на регионот. Тоа го истакнаа вршителката на должноста амбасадор на САД во Северна Македонија, Никол Варнс, и директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, при денешната посета на Трафостаницата (ТС) Охрид.
Варнс, во присуство на дел од менаџментот на МЕПСО, се запозна со динамиката на реализација на проектот за енергетско поврзување на Северна Македонија со Албанија.
Изградбата на Трафостаницата - Охрид е во завршна фаза, додека изградбата на 400 киловолтниот далновод Битола–Елбасан бележи напредок на терен. Проектот што се реализира по повеќе од три децениско планирање, треба да овозможи поврзување со елетросистемот во Албанија и да придонесе за поголема сигурност на снабдувањето и посилна енергетска поврзаност во регионот.
Како што се посочува во соопштението од МЕПСО, на средбата било истакнато дека проектот е дел од пошироките напори за заокружување на регионалната енергетска поврзаност на Северна Македонија, со планирани нови интерконекции со Косово и Бугарија, како и надградба на постојната 400 kV интерконекција со Грција.
Според МЕПСО, со тие проекти ќе се создадат услови за поголема прекугранична размена на електрична енергија и полесна интеграција на нови производни капацитети, особено од обновливи извори.

„Ова е многу повеќе од далекувод и трафостаница. Тоа е мост на доверба меѓу две земји, но и мост кон енергетски поврзан Балкан. Колку повеќе сме поврзани, толку сме посигурни, а колку повеќе сме регионално интегрирани, толку сме поотпорни“, беше истакнато на средбата.
Американската поддршка за регионалната енергетска поврзаност, како што беше оценето, претставува придонес кон посилен, побезбеден и поинтегриран регион.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата