logo
logo
logo

Исполнивме се, БРИСЕЛ НЕ УЦЕНУВА СО БУГАРИ ВО УСТАВОТ

Vecer | 27.04.2026

Исполнивме се, БРИСЕЛ НЕ УЦЕНУВА СО БУГАРИ ВО УСТАВОТ

Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање, денеска коментираше дека неговите информации за оценките во извештајот од евроизвестувачот Томас Вајц за реформите во Македонија се спротивни од изнесеното на Вајц во интервју за бугарски медиум.

– Не знам кој извештај сте го читале од известувачот Вајц. Напротив, јас тој извештај што го слушав е комплетен антипод од вашите прашања – рече Мицкоски одговарајќи на прашање да даде коментар на изјавата на Вајц дека во земјава нема реформи цела година.

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ вели дека земјата и граѓаните би можеле да ја пропуштат клучната можност за напредок кон Европската Унија, доколку Владата не го искористи актуелниот моментум за ЕУ-интеграции. Тој повтори дека уставните измени остануваат услов без кој преговорите со ЕУ не можат да продолжат.

– Постојат одредени позитивни чекори, како акцискиот план за прашањата на малцинствата, но Владата мора да ги спроведе реформите. Во спротивно, не можеме да влеземе во вистински преговори. Во последната година не видовме никаков напредок, ниту реформи. Не станува збор само за започнување преговори, туку и за реформската агенда и планот за раст. Доколку земјата не ги спроведе потребните реформи, средствата, вклучително и 47 милиони евра, ќе бидат пренасочени кон соседните земји – предупреди Вајц.

Во однос на можноста за членство, Вајц оцени дека Македонија сè уште има шанса да се приклучи заедно со Албанија и Црна Гора во текот на овој мандат на Европскиот парламент, доколку сериозно се обврзе на реформите.

– За жал, во моментов не гледам доволна политичка волја, особено во делот на владеењето на правото и независноста на судството. Но, нема да се откажам, мојата улога е да поддржам и да помогнам регионот да напредува – порачува Вајц.

Од СДСМ преку соопштение велат дека изјавата на известувачот Вајц, е јасна и алармантна потврда на она што опозициската партија го предупредувала со месеци.

Во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија во февруари годинава, Вајц побара забрзани реформи, уставни измени и поголема поддршка од ЕУ за евроинтеграцијата. Следниот извештај за напредокот на земјава треба да биде објавен во јуни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk