Возачите што во недела наутро ќе се движат кон Аеродром треба да внимаваат на изменетиот режим на сообраќај на булеварот Киро Глигоров, кај мостот „Близнак“. На 11 октомври, од 6 до 8 часот, ќе се санира оштетената заштитна пешачка ограда, поради што ќе биде затворена крајната лева сообраќајна лента.
Екипа на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје ќе работи на потегот од крстосницата со улицата Индустриска до крстосницата со булеварот АСНОМ, во насока кон населбата Аеродром.
Од претпријатието информираат дека ќе се заменуваат и монтираат оштетените елементи од оградата на мостот.
– Поради изведбата на работите ќе биде затворена крајната лева сообраќајна лента, која ќе биде обележана со соодветна сообраќајна сигнализација за насочување на учесниците во сообраќајот – соопштуваат од ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.
Оттаму посочуваат дека преостанатата сообраќајна лента во истата насока ќе остане слободна за движење.
Од претпријатието апелираат до возачите да бидат трпеливи додека траат работите и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
Работите се планирани да завршат до 8 часот наутро, по што се очекува сообраќајот да продолжи без ограничувањето на оваа лента.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата