ВМРО-ДПМНЕ излезе со остри критики за состојбите во македонскиот правосуден систем, обвинувајќи ги СДС и ДУИ дека во периодот кога биле на власт го партизирале правосудството и поставувале кадри кои, како што тврдат од партијата, денес ги штитат нивните политички интереси.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека правосудниот систем, во кој според нив довербата на граѓаните е само два отсто, бил создаван преку „партиски инсталации“ и кадри избирани според политичка подобност.
Во соопштението партијата ги споменува Весна Дамева, Добрила Кацарска, Наќе Георгиев и Вилма Русковска.
За Дамева, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека била поврзана со СДС и дека била член на партиска комисија, додека за Кацарска наведуваат дека како судијка го водела предметот поврзан со настаните од 27 април и дека подоцна била избрана за судија во Уставниот суд. Уставниот суд официјално потврдува дека Кацарска била судија-известител во предметот за т.н. линеарно зголемување на пензиите.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува Кацарска и дека во Уставниот суд работи во интерес на СДС, посочувајќи го предметот за линеарното зголемување на пензиите. Самиот Уставен суд, сепак, во својата официјална информација наведува дека Кацарска била судија-известител по предметот и дека предметите во Судот се распределуваат согласно утврдена процедура.
Во соопштението се споменува и Наќе Георгиев, за кого од партијата велат дека за време на владеењето на СДС напредувал до Врховниот суд, а потоа станал и член на Судскиот совет.
Како дел од критиките е посочена и поранешната обвинителка Вилма Русковска, за која ВМРО-ДПМНЕ наведува дека била еден од препознатливите симболи на обвинителството во периодот на владеење на СДС и ДУИ.
Од партијата овие случаи ги поврзуваат со пошироко тврдење дека во правосудството биле поставувани кадри кои, според нив, наместо во интерес на правдата и граѓаните, дејствуваат во интерес на политички структури.
Како актуелен пример ВМРО-ДПМНЕ го посочува и случајот со набавката на модуларните болници и Венко Филипче, тврдејќи дека затворањето на предметот претставува доказ за влијание врз правосудството.
Во однос на ова прашање, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 20 август 2026 година соопшти дека по извршените проверки и анализа на документацијата оценило дека нема основи на сомнение за сторено кривично дело во врска со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници.
ВМРО-ДПМНЕ заклучува дека, како што наведуваат, „правосудните инсталации“ на СДС и ДУИ имаат „име и презиме“ и бараат да се стави крај на, според нив, партиското влијание врз правосудството.
Од партијата порачуваат дека законите треба да важат еднакво за сите граѓани, без оглед на политичката припадност или позицијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата