logo
logo
logo

Собранието усвои неколку законски измени

Со новиот Закон за државната ревизија - ПОГОЛЕМА НЕЗАВИСНОСТ ЗА РЕВИЗОРИТЕ, ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Vecer | 19.10.2026

Со новиот Закон за државната ревизија - ПОГОЛЕМА НЕЗАВИСНОСТ ЗА РЕВИЗОРИТЕ, ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Поголема самостојност за државните ревизори, построги критериуми за административните службеници и враќање на независноста на собраниската служба предвидуваат законските решенија што денеска ги изгласа Собранието.

Промените опфаќаат две важни области од функционирањето на државните институции – контролата на трошењето јавни средства и одговорноста на вработените во администрацијата.

Со новиот Закон за државната ревизија се зајакнува независноста на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој самостојно ќе одлучува кои институции и субјекти ќе бидат опфатени со неговата годишна програма за работа.

„Основната цел на Предлог законот е да се создаде појасна, посовремена и поефикасна законска рамка за вршење на државната ревизија, усогласена со меѓународно прифатените стандарди и принципи за работа“, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Една од најзначајните промени е што ревизорите ќе можат да ја прошират контролата и над субјекти поврзани со институциите што располагаат со јавни пари, доколку постои економски, финансиски или друг интерес поврзан со користењето јавни средства.

„Со Предлог-законот јасно се утврдува дека ДЗР самостојно и независно одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат вклучени во Годишната програма за работа“, соопшти Министерството.

Ова значи дека контролата нема да биде ограничена само на непосредните корисници на буџетски средства, туку под предвидените законски услови ќе може да опфати и други поврзани субјекти.

Со законот се прецизираат и критериумите за избор на главниот државен ревизор и неговиот заменик, а се прошируваат и надлежностите на главниот ревизор.

Министерството посочува дека посебно внимание е посветено на професионализацијата на ДЗР и на следењето дали институциите ги спроведуваат препораките добиени по ревизиите.

„Крајната цел на државната ревизија не е само да ги констатира слабостите, туку да придонесе тие да бидат отстранети и да се подобри управувањето со јавните средства“, се нагласува во соопштението.

Со тоа, според Министерството, ревизорските извештаи треба да добијат поголемо практично значење за отстранување на утврдените неправилности.

Во рамките на продолжението на 125. собраниска седница беа усвоени и две законски интервенции поврзани со административните службеници, со кои се менуваат правилата за нивниот статус, оценување, унапредување и одговорност.

Една од најважните новини е дека на службеник што две години последователно ќе добие оценка „1 – не задоволува“ ќе му престане работниот однос по сила на закон.

Со измените се укинува и можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со цел да се обезбеди еднаков пристап до повисоките работни места и примена на системот на заслуги.

Се уредуваат дисциплинската и материјалната одговорност, се поедноставуваат одредени административни постапки, а се задржува правото на жалба.

Законските измени го уредуваат и статусот на вработените во собраниската служба и регулаторните тела, со цел зајакнување на нивната институционална самостојност.

Предвидено е и усогласување на правото на плата преку посебни закони за одредени категории службеници, додека примената на членот 80 се одложува до 1 јануари 2028 година.

За разлика од Законот за државната ревизија, измените што се однесуваат на администрацијата предизвикаа и политичка расправа во Собранието.

Опозициската СДСМ не гласаше за нив, оценувајќи дека дел од одредбите можат да се искористат за дисциплинирање и политички притисок врз административните службеници.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски тврдеше дека собраниската служба била независна до 2024 година и дека сегашните измени ја враќаат независноста што претходно била укината.

– Сè нешто се прави во завиена форма за да се остварат некакви цели – рече Спасовски, образложувајќи го противењето на неговата пратеничка група.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлија критиките, оценувајќи дека со измените се исправуваат претходни пропусти во законските решенија.

– Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Тој посочи дека дел од проблемите постоеле уште од 2019 година и дека претходната власт имала можност да ги отстрани.

Во расправата беше отворено и прашањето за независноста на собраниското обезбедување, за кое Спасовски побара дополнителни реформи.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk