Германската влада го усвои предлогот годишната квота за вработување работници од Западен Балкан да се намали од 50.000 на 25.000. Ако мерката ја одобри Бундесратот, новите правила би можеле да го отежнат пристапот до германскиот пазар на труд за работниците од Србија, Македонија и другите земји од регионот.
Гласањето во Бундесратот, кој ги претставува 16-те германски сојузни покраини, е закажано за 18 декември. Предлогот претходно беше најавен во коалицискиот договор меѓу конзервативците и социјалдемократите, но веќе наидува на отпор кај дел од германското стопанство.
Работодавачите предупредуваат на недостиг од работници
Германските здруженија на работодавачи сметаат дека намалувањето на квотата би можело да го продлабочи недостигот од работна сила, особено во градежништвото, и бараат ограничувањето целосно да се укине.
Како што пренесува специјализираниот медиум „Бау“, генералниот директор на Главното здружение на германската градежна индустрија, Тим Оливер Милер, предупреди дека поради оваа мерка во секторот би можеле да недостигаат речиси 9.000 работници.
Според него, работниците со искуство во изградбата на челични и бетонски конструкции тешко можат да се заменат со домашни работници или со вработени од други дејности.
Милер потсети дека само минатата година се пензионирале околу 17.000 вработени во градежништвото. Тој истакна дека работниците ангажирани според Уредбата за Западен Балкан овозможуваат работите на градилиштата да се одвиваат без прекин. Намалувањето на нивниот број би можело да доведе до доцнења и повисоки трошоци за станбената изградба и инфраструктурните проекти.
Секој седми работник во градежништвото има странски пасош
Слични предупредувања доаѓаат и од Централното здружение на германското градежништво. Според неговите податоци, секој седми вработен во секторот има странски пасош.
Директорот на здружението, Феликс Паклепа, оцени дека Германија не може истовремено да планира изградба на станови, обнова на мостови и проширување на енергетските мрежи, а да го ограничува доаѓањето на работниците што треба да ги извршат тие работи.
Според податоците што ги пренесува „Бау“, околу 35 отсто од визите издадени врз основа на Уредбата за Западен Балкан се однесуваат на вработување во градежни компании. За да се добие согласност за вработување, потребен е конкретен договор за работа, а 98 отсто од работниците опфатени со уредбата работат на работни места за кои е задолжително социјалното осигурување.
Претставниците на градежниот сектор затоа бараат укинување на ограничувањето и побрза, целосно дигитализирана постапка за издавање визи.
Зошто Германија ги заострува правилата?
Намалувањето на квотата е дел од поширокиот пресврт на германската влада кон построга миграциска политика. Засилената контрола на границите и промената на политиката кон миграцијата беа меѓу главните предизборни ветувања на Фридрих Мерц.
Миграциската криза од 2015 година и доаѓањето на голем број луѓе од Блискиот Исток и Азија останаа важна тема во германската политика, а противењето на неконтролираниот прилив на мигранти придонесе за подемот на десницата.
Сепак, ограничувањето на доаѓањето на работници од Западен Балкан го отвора прашањето како Германија ќе се справи со недостигот од работна сила, а истовремено ќе ги реализира најавените станбени и инфраструктурни проекти.
Последиците од намалувањето на квотата не би ги почувствувале само германските работодавачи. Мерката би можела да ги засегне и граѓаните од регионот што бараат работа во Германија, како и семејствата на кои тие им испраќаат пари од странство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата