Само 0,2 проценти од постојните случаи на насилство и злоупотреба врз деца се пријавуваат на СОС-линијата, што укажува на сериозен недостиг од доверба и неинформираност кај младите за тоа каде и кому можат да се обратат за помош, предупреди директорот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Жарко Змијанац, на денешната дебата во Собранието. Поради ваквата алармантна статистика и фактот што заканите од дигиталниот простор директно се прелеваат во реалниот живот, граѓанскиот сектор и институциите побараа итно воспоставување одржлива национална линија за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца (CSAM) и зајакнување на платформата „Ало Бушавко“ и линијата 116 – 111.
Конференцијата се одржа по повод Светскиот ден за спречување и заздравување од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз децата, во рамки на проектот „Безбеден интернет за деца и млади“ што го спроведуваат „Меѓаши“ и организацијата ИМПЕТУС. Претседателката на ИМПЕТУС, Лилјана Пецова Илиеска, нагласи дека сложените процедури на дигиталните платформи дополнително ги одвраќаат жртвите од пријавување, додека Гонце Јаковлеска од „Цивика мобилитас“ порача дека постојните истражувања веќе ја потврдуваат сериозноста на проблемот и дека е крајно време од дијалог да се премине кон функционални заштитни механизми. Отворајќи го настанот, пратеничката и претседателка на Клубот на жени пратенички, Јованка Тренчевска, потсети дека во собраниска процедура веќе се наоѓа Предлог-законот за заштита на малолетните лица при користење дигитални услуги и социјални мрежи.
За ефикасно сузбивање на овој вид криминал, претставниците на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и правосудството ја разгледаа целата постапка од пријавувањето до судската разрешница, при што беше истакнато дека брзата реакција и правилното зачувување на дигиталните докази се пресудни за казнување на сторителите. На настанот преку онлајн вклучување се обрати и Клои Комсток од Меѓународната мрежа на линии за пријавување материјали со сексуална злоупотреба на деца (INHOPE), која ги сподели глобалните искуства за тоа како прекуграничната соработка помага во брзо откривање и отстранување на незаконските содржини од интернет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата