Страшни детали од мајката на повредената Сара: МИСЛЕЛЕ ДЕКА Е МРТВА И БАРАЛЕ ПОМОШ ДА СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ТЕЛОТО

Vecer | 16.11.2026

Страшни детали од мајката на повредената Сара: МИСЛЕЛЕ ДЕКА Е МРТВА И БАРАЛЕ ПОМОШ ДА СЕ ОСЛОБОДАТ ОД ТЕЛОТО
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Ирена Ѓорѓиеска, мајката на Сара, девојката која беше брутално претепана и се наоѓа во болница во Охрид, излезе со сериозни обвинувања за напаѓачот Христијан К. и за членови на неговото семејство. Ирена Ѓорѓиеска во јавно обраќање преку својот профил на Фејсбук тврди дека постоеле обиди случајот да се прикрие, дека осомничениот се повикувал на влијанието на своите родители и дека наводно насилникот сакал да се ослободи од телото на Сара.

„Моето дете се бори да заздрави, но наместо мир и сигурност, живее со страв и неизвесност“, напиша Ѓорѓиеска и без да го именува момчето тврди дека синоќа бил пуштен на слобода.

Според нејзините тврдења, Сара била нападната во возило, а претходно ѝ бил уништен телефонот, со што ѝ било оневозможено да побара помош. Мајката наведува и дека нејзината ќерка во моментите на беспомошност слушнала зборови кои, како што тврди, укажувале на намера случајот да биде прикриен, а таа ликвидирана. Особено вознемирувачко, како што наведува, е сведочењето дека во еден момент момчето побарало нож и сакало да ја „докрајчи“ Сара.

„Собери ги сите познаници, да го прикриеме ова и да се ослободиме од неа, дали да ја фрлам во некоја провалија?“, се зборовите за кои Ирена наведува дека Сара ги слушнала.

Таа тврди дека осомничениот Христијан постојано се фалел со влијанието на своите родители и зборувал дека тие можат да го заштитат од последиците, без оглед на тоа што ќе се случи.

Особено сериозно е обвинувањето што мајката Ирена го изнесува за таткото на осомничениот. Според нејзината верзија на настаните, Христијан стапил во контакт со таткото додека Сара била во бессознание. Мислејќи дека Сара е мртва, тој наводно побарал помош за отстранување на нејзиното тело. Ирена во објавата не приложува докази од наводната комуникација.

Ѓорѓиеска во објавата споменува и тетка на осомничениот, за која тврди дека контактирала со болницата во која е сместена Сара, наводно со намера да влијае врз медицинскиот извештај и да се прикаже помала сериозност на повредите.

Таа изразува сомнеж дека лица од семејното опкружување на осомничениот се обидувале да влијаат врз текот на случајот и бара сите овие наводи да бидат проверени од надлежните институции.

„Најголемата среќа во целата оваа трагедија е што Сара дошла при свест пред да биде однесена на непознато место. Кога сфатил дека се освестила, била оставена на улица“, наведува мајката.

Ѓорѓиеска наведува дека мајката на осомничениот е Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, а таткото е Гоце Корабоски, за кого тврди дека работи како инспектор во Управата за јавни приходи.

Од СВР Охрид претходно информираа дека на 15 ноември бил лишен од слобода Х.К. (31) од Охрид, по пријава дека физички ја нападнал својата девојка. Од полицијата соопштија дека по целосното документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk