ВМРО-ДПМНЕ СО ЖЕСТОК ОДГОВОР ДО СДСМ: Пензиите и платите растат, ПИОМ е стабилен, а цените на горивата се најниски во регионот!

Vecer | 22.11.2026

ВМРО-ДПМНЕ СО ЖЕСТОК ОДГОВОР ДО СДСМ: Пензиите и платите растат, ПИОМ е стабилен, а цените на горивата се најниски во регионот!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Во реакцијата од владејачката партија потенцираат дека опозицијата не се повикува на официјалните податоци од институциите, туку со лаги и манипулации ги заплашува граѓаните дека недостигаат пари

ПИОМ е во стабилна состојба, пари има и пензиите редовно се исплаќаат, ниту еден денар на граѓаните не е загрозен – напротив, над 300 илјади пензионери за две и пол години добија покачување на пензиите за седум илјади денари, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата од СДСМ дека власта предлага законски измени со кои се брише одредбата за уплата на 6% во вториот пензиски столб. Од владејачката партија потенцираат дека опозицијата не се повикува на официјалните податоци од институциите, туку со лаги и манипулации ги заплашува граѓаните дека недостигаат пари.

„СДС имаат замерки и за платите кои не знаат или не сакаат, да ги читаат официјалните податоци и показатели, или пак не им одговара што платите во сите сектори, согласно и со колективни договори, се зголемуваат. Пред некој ден Државниот завод за статистика излезе со официјални податоци за месец септември, според кои реалната нето-плата споредено со септември 2025 година е зголемена на 5,2%“,

се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека пензиите се стабилни, покачени и редовно се исплаќаат, платите се зголемуваат, економијата се стабилизира и заживува, инфлацијата е под контрола и далеку под европскиот просек, а цените на енергенсите се најниски во регионот.

„Од друга страна зборуваат за поскапувања, а не гледаат дека инфлацијата во Македонија е најниска од земјите во регионот и далеку под европскиот просек, а економски раст десетти квартал по ред, откако ВМРО-ДПМНЕ ја предводи владата, е над 3%. А во ек на светска енергетска криза Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со преземените конкретни мерки и активности успева цените на нафтените деривати да ги задржи на најниско ниво од земјите во регионот“,

додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно од СДСМ обвинија дека животниот стандард на граѓаните е сè полош, а семејствата едвај успеваат да ги покријат основните месечни трошоци.

Дополнително, од СДСМ посочија и дека на повидок е скандал, оти на ЕНЕР објавен е предлог-законски измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се брише одредбата за уплата на пари во вториот пензиски столб (член 120), во висина од 6%, обвинува СДСМ. Во соопштение од опозициската партија наведуваат дека ова би значело оти сите придонеси остануваат во првиот столб во Фондот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk