Советот за безбедност и здравје при работа денеска во Скопје организира настан по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, поддржан од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Македонија“.
Целта на проектот е намалување на повредите и заболувањата на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на трудовата инспекција, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети во оваа област. Се спроведува од Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија и ќе трае до октомври 2028 година.
Подигнување на јавната свест за важноста на безбедните и здрави услови за работа како предуслов за достоинствен труд, поголема продуктивност и одржлив економски развој, е едни од клучните пораки на проектот, кој има за цел да придонесе кон современа и превентивна национална рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со стандардите на МОТ и ЕУ.
Во рамки на настанот предвидени се обраќања од претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа, како и стручни излагања и работилница посветени на психосоцијалните аспекти на работата, стресот и менталното здравје на работниците, како и на потребата од создавање здрави психосоцијални работни средини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата