Две и пол години затвор доби вработената во Министерството за внатрешни работи која е обвинета за фалсификување на возачки дозволи, а другите двајца обвинети возачи добија по година и 3 месеци затвор, информираше на денешниот брифинг претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.
Пресудите им се изречени вчера на рочиште на кое тројцата обвинети признале вина. Притворот им е продолжен.
Овој предмет заврши брзо, затоа што се водеше по скратена постапка, објасни претседателката Димовска. На обвинетите им беше одреден притвор од 8 дена, по што ЈО пушти обвинителен предлог, за што не е потребна оценка од Судот, се закажа рочиште и обвинетите признаа вина.
Овој предмет се води против 6 лица, но тројца се недостапни за органите на прогон.
ОЈО Скопје на 19 септември поднесе обвинителен предлог против 6 лица за продолжени кривични дела Фалсификување исправа, од член 378 став 3 од Кривичниот законик.
„Првата обвинета е вработена во Министерството за внатрешни работи, како помлад советник за патни исправи во Одделението за управни работи – Скопје, која во периодот од 3.9.2020 до 24.08.2026 година, во повеќе наврати ги користела своите шифри и вршела преправање на возачки дозволи, внесувајќи дополнителни категории“, соопшти тогаш Обвинителството.
Останатите петмина опфатени со обвинението се возачи.
„Тие, иако знаеле дека немаат положено за Ц и за Д категорија, во договор со првата обвинета, поднесувале барања за издавање дозволи во кои им биле впишувани дополнителни категории. Ваквите невистинити исправи тие ги користеле за да аплицираат и да добијат сертификати за професионална компетентност на возач за учество во меѓународен превоз на патници и стоки, а потоа во повеќе наврати управувале со автобус или со товарно возило во меѓународен сообраќај“, се вели во соопштението на ЈО.
Обвинителството информира и дека во рамките на истиот предмет се преземаат уште дејствија за обезбедување докази против уште 21 лице, осомничени како посредници или корисници на фалсификуваните возачки дозволи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата