Нови информации донесоа пресврт во случајот што ја вознемири Битола, откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како еден маж влече друг по „Широк сокак“.
Првично случајот беше поврзан со 39-годишниот Ј.И. од Струмица, кој подоцна беше пронајден починат во дворот на Клиничката болница во Битола. Од МВР сега појаснуваат дека починатиот не е човекот кој на видеото бил влечен.
„Утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расчистување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор. Потенцираме дека починатото лице Ј.И. не е лицето кое на видеоснимката е влечено од друго лице“, соопштија од МВР.
Според објавените информации, претходно во центарот на Битола, околу четири часот наутро, се случила физичка пресметка. По неа, 39-годишниот маж со Итна медицинска помош бил пренесен во Ургентниот центар.
Од битолската болница велат дека бил прегледан на повеќе одделенија и бил упатен на дополнителен рендгенски преглед, но таму не се појавил и ја напуштил болницата.
Подоцна неговото безживотно тело било пронајдено во кругот на болницата.
Во јавноста се појавија неофицијални информации дека причина за смртта можеби бил срцев застој, но официјалната причина сè уште не е утврдена. Во тек е обдукција, која треба да даде повеќе одговори.
Останува да се утврди што точно се случувало за време на физичката пресметка, дали починатиот имал повреди и дали постои каква било поврзаност меѓу тепачката и неговата смрт. Полицијата продолжува со расчистување на случајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата