logo
logo
logo

Македонија се поврзува со европскиот гасен пазар

Голем енергетски чекор: МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН „ВЕРТИКАЛНИОТ КОРИДОР“ И ДОБИВА НОВА ГАСНА ВРСКА СО ЕВРОПА

Vecer | 04.09.2026

Голем енергетски чекор: МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧУВА КОН „ВЕРТИКАЛНИОТ КОРИДОР“ И ДОБИВА НОВА ГАСНА ВРСКА СО ЕВРОПА

Македонија прави нов чекор кон поголема енергетска поврзаност со Европа. Во Солун денес беше потпишан Меморандумот за разбирање со кој НОМАГАС се приклучува кон иницијативата „Вертикален коридор“, со што земјата станува дел од регионалната мрежа за пренос на природен гас и се отвора можност за поврзување со гасните системи на Грција, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Украина, Молдавија и Србија. Меморандумот го потпиша извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, а иницијативата предвидува создавање поширока гасна оска во правец југ–север, која ги поврзува Југоисточна и Централна Европа.

Церемонијата на потпишување се одржа во The Met Hotel, во рамки на 10-тиот Southeast Europe Energy Forum (SEEF 2026), по министерската тркалезна маса „Security, Affordability and Competitiveness in a Changing Energy Landscape“. На тркалезната маса учествуваа Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, Stavros Papastavrou, министер за животна средина и енергетика на Грција, Iva Petrova, министерка за енергетика на Бугарија, Michael Damianos, министер за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, и István-Lóránt Antal, сенатор и претседател на Комитетот за енергетика, енергетска инфраструктура и минерални суровини во Сенатот на Романија.

„За Северна Македонија, приклучувањето кон Вертикалниот коридор ќе ја зајакне регионалната соработка, ќе поддржи подобра интеграција на нашиот национален систем за пренос на природен гас со пошироката европска мрежа, ќе ги диверзифицира рутите за снабдување со гас и ќе ја унапреди сигурноста на снабдувањето во регионот“, истакна Недим Рама, извршен директор на НОМАГАС АД Скопје.

Меморандумот воспоставува рамка за координиран развој и работење на меѓусебно поврзаните системи за пренос, со фокус на подобро искористување на постојната инфраструктура, надминување на тесните грла, зголемување на капацитетите на интерконекциските точки и унапредување на можностите за двонасочен проток на природен гас. Соработката опфаќа и технички, регулаторни и комерцијални прашања, со цел Вертикалниот коридор да стане пофлексибилен, поконкурентен и поатрактивен за корисниците на мрежата.

Приклучувањето на Северна Македонија ја засилува регионалната соработка во насока на поголема сигурност на снабдувањето, диверзификација на изворите и рутите за природен гас и подобра поврзаност на пазарите во Југоисточна и Централна Европа. Меморандумот создава рамка за натамошно поврзување на системите на земјите учеснички и развој на двонасочни текови на природен гас во насока југ–север.

За спроведување на Меморандумот е предвиден Управувачки комитет составен од главните извршни директори на потписниците, како и Проектен тим што ќе ги спроведува договорените активности и, по потреба, ќе формира специјализирани работни групи за технички, комерцијални и регулаторни прашања. Новиот Меморандум го заменува Меморандумот од 19 јануари 2024 година и важи три години, со можност за автоматско продолжување за уште една година доколку ниту една страна не се спротивстави.

Северна Македонија веќе реализира конкретни инфраструктурни чекори во насока на регионалното поврзување. Изградбата на гасниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција е во тек, а се очекува проектот да биде завршен и пуштен во употреба во третиот квартал од 2027 година. Паралелно се напредува и со интерконекторот меѓу Северна Македонија и Србија.

10-тиот Southeast Europe Energy Forum е организиран од American-Hellenic Chamber of Commerce и Hellenic Association for Energy Economics.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk