logo
logo
logo

Д.П. Латас

Неке птице никад не полете

Vecer | 25.01.2025

Неке птице никад не полете

Да тргнам од еден афоризам на легендарниот мргуд Душко Радовиќ кој со децении од бивша Југославија се огласуваше од рано насабајле на радио Студио Б,

– Ko nema u glavi ima u nogama, ko nema u nogama ima u banci, ko nema u banci ima nešto u Grockoj, ko nema ni u Grockoj – naći će mu se nešto u mokraći. Nije da baš da neko nema nigde i ništa.

Кој нема во главата... за крај му останува само да има нешто во мокраќата 😊 “Не е дека никој нема ништо никаде...“. Мислам дека нишлијата Душко Радовиќ никогаш не бил во Македонија, да бил не би му се случиле овие зборови. Ние правиме се што можеме да немаме никого и ништо, почнувајќи од главата. И тоа баш се трудиме.

Да тргнеме од подалеку, од темелите, па да стасаме ложата во Вашингтон.

Цел свет го знае Александар Македонски. Потенцирано – Македонски. Цел свет знае дека Египет, Ерменија и Македонија се држави кои најдолго постојат под своето изворно етничко име од пред Христа па и денес. Грција во тоа време не е ни етникум, ни држава, туку територија на градови-држави со хеленска култура која се протега од денешно Наполи до Измир во Турција. Така пишуваат големите енциклопедии.

Да, денешните Кина, Јапонија, Иран се постари држави од Ерменија и Македонија но, немаат континуитет во името и етникумот на државата низ вековите како наведените.

И цел свет го знае ова. Филмови и книги се пишуваат од независни автори за потврда. И никој освен Грција не ја негира античката историја на македонската современа држава. Никој освен Грција – и некои од нас самите. Не познавам друг народ во кој ќе најдете толку луѓе кои сами себе се негираат како што ќе најдете во Македонија. Не познавам ниту една друга нација чија власт ќе се откаже од својот идентитет освен власта на Зоран Заев помогната од соросоидите товени од странски пари. И сето тоа за на сила да се стекне власт во државата, и да се тера корупција од историски размери.

Имавме памет и сила за разлика од Грците, Бугарите, Албанците... околу нас да се определиме за слободниот свет во борбата против фашизмот. И да бидеме на победничката страна. Како мал народ на Балканот да се избориме за максимум во тој момент и во таков амбиент, да добиеме држава во југословенската федерација. И ја добивме. И што потоа? СДСМ и го поништува идентитетот и унитарноста. И зошто? Просто – од каприц и инает, од лакомост за пари, од слугански менталитет да им се допадне на “големите“, од сопствената инфериорност дека самите се неважни.

„Државотворците“ од СДСМ и нивните соросоиди кои со децении им обезбедуваат странска поддршка за доаѓање на власт без победа на избори не ја слават НОБ и современата држава, не подигнаа ниту еден споменик на партизаните од НОБ. Не. ВМРО ДПМНЕ крена споменик на АСНОМ, и на Киро Глигоров пред Собрание. СДСМ никогаш не бил посветен на државата и државноста на Македонија, нема ниту еден државен акт, нема споменик или дело кое може да го докаже тоа. Но, има спротивно.

СДСМ го донесе ФИРОМ наместо Македонија и го смени државното знаме, сонцето од Кутлеш за да добие власт во деведесеттите. СДСМ повика на бојкот на мобилизација во 2001 по што ја загубивме војната и моравме да го смениме уставот. СДСМ во 2004 донесе нова територијална поделба по што Скопје, Куманово, Кичево, Струга... станаа двојазични градови од што последиците ги трпиме со децении. СДСМ изврши државен удар во 2017-та со преземање власт без мнозинство со Собранието, апсеше пратеници кои ги пушташе од затвор ако гласаат за Северна и преку СЈО спроведе сталинистички прогон на се што е опозиција уривајќи уставен, државен и правосуден систем.

Толку, за да се знае со што и со кого си имаме работа. Факти за кои нема приговор.

И, така, доаѓаме до денешниве настани кои се тема на коментаров.

Летоска имавме избори. СДСМ и соросоидите доживеаја најголем изборен пораз во историјата на Македонија. Лицата кои беа дел од таа најкорумпирана влада во Европа, веднаш зад Украина, и денес се власт во партијата: од пратеници и по некој градоначалник па се до формалниот шеф на СДСМ, Венко Филипче. Значи тие се, истите и тогаш и сега. Со ист ум, со иста политика, и со страв од казна за корупциите.

Целиот СДСМ кампус, а особено соросоидите, со еуфорија за време на американските избори навиваа за прогон, за апсења и пораз на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Со ентузијазам небаре се бира претседател на Македонија. Нивните фактчекери бришеа наши постови по Фејсбук, пишуваа кривични пријави, сатанизираа секој што јавно ја поддржуваше политиката на Трамп и најавата за политика на традиционални семејни вредности и против нивните идеологии и “шарените револуции“.

Арно ама, Трамп победи. А со него победи и политиката на Трамп, политика на семејни вредности, социјална стабилност и економски развој како основа на делувањето што со децении е политика и на нашето ВМРО ДПМНЕ. Сосема спротивна на политиката на СДСМ и идеологијата на соросоидите и тука, и во Америка. Накусо, на ВМРО ДПМНЕ и Трамп им се поклопија вредностите и политиките. И, кога е така, се понатаму е работа на комуникација, планови, проекти и рутина во соработката.

Како што вели Душко Радивиќ: Dobra je svaka muka koja nas povezuje i loše je svako dobro koje nas razdvaja.

ВМРО ДПМНЕ седумте години во опозиција не ги помина на банални кукања, плачења, митинзи и блокади на улици, навреди и чувство на немоќ и жртва во политиката. Не. И во кампот на европските народни партии, и во релациите особено со влади и партии од Италија, Австрија, Унгарија, Словенија, Германија... соработуваа, примаа пораки и знаења, даваа понуди за идни проекти и градеа сојузи со тамошни партии и можни инвеститори за, кога ќе дојде денот да имаат власт, да почнат час поскоро со реализација. Што и се случува гледајќи што е постигнато за само седум месеци власт.

Па, како последица на сето тоа, од подготовките градени во годините опозиција, дојде покана од тимот на новиот американски претседател Доналд Трамп, за прв пат во нашата историја, македонски премиер, во случајов Христијан Мицкоски, да биде гостин на неговата инаугурација. Да биде во присутен во светската елита на која идниот најмоќен политичар во светот и дал чест да слават заедно.

Ниту еден друг претседател или премиер од Балканов не ја добил таа доверба и чест. Зошто? Тоа прашање нашите “минери“ на државната политика, углед и институции нека го постават до американскиот претседател и неговиот тим. Нивно дискреционо право е кого ќе поканат на тој важен настан. И тоа да седи во почесната ложа! А до Мицкоски, во таа прилика, седи ни повеќе ни помалку претседателот на Републиканската партија на Доналд Трамп.

Кога ќе ве поканат на таков настан, во друштво на политичкиот и бизнис врв на светот, вие станувате дел од друштвото. Комуницирате, презентирате државни интереси и политика, од нив купувате идеи и планови, а им нудите проекти и слика на државата... Самото присуство на таков настан и меѓу тој свет ви е препорака за нив. Тешко дека некој македонски премиер ќе се најде во слична прилика во идните децении.

И, што се случува. СДСМ, соросоидите и неколку бивши “одработувачи“ од опозициските денови на ВМРО ДПМНЕ кои денес се промотери на ликови како Фрчкоски, чии суети се повредени од ним познати причини, создаваат смут дека – Мицкоски воопшто и не бил на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп! Тоа што го гледаме на видео снимките, на фотографиите... не постои! Постои само нивната верзија “дека земјата е равна“.

Заради сопствена, а и ваша ментална хигиена, воопшто не сакам да се впуштам во полемика за тие “дилеми“. Затоа што, ако нивната теза дека “земјата е равна“ е вредна за размислување, секој од нас треба да почне да се сомнева дали и самиот воопшто постои или е илузија. Дали да верува на своите очи и уши, или да верува на туѓата слепа омраза и страв од ништожност во новиве времиња.

Не ме загрижуваат тие. Небитни се во секоја смисла. Ме загрижува сеирџискиот пристап на тоа малку поддржувачи на СДСМ и зависниците од соросоидите кои се спремни да се откажат и од сопствениот ум, разум, очи што гледаат и уши што слушаат за нивни атер, а на своја штета. Да полемизираат дали “земјата е равна“?! А не е.

Секоја нација би била горда нивниот премиер да биде поканет на таков настан. Да добие прилика да ја репрезентира својата држава, нација, идентитет, економските интереси на државата, да склучува сојузи и планови со светскиот врв затоа што и најмалата идеја оттаму да се оствари е голема за мала држава и нација како нашата.

Има голема разлика помеѓу ВМРО ДПМНЕ од една и СДСМ со соросоидите од друга страна. Знаеме за односот на Радмила Шеќеринска кон ВМРО ДПМНЕ, нејзината патолошка омраза кон се што доаѓа од или околу таа партија. Знаеме и за нејзините “заслуги“ за Македонија... Но, кога беше избрана за втор човек во НАТО и партијата и тие околу ВМРО ДПМНЕ и честитаа на изборот и честа што македонски политичар ја добил. Дури и јас, кој имам лични последици од Шеќеринска, немав коментар.

Да завршам каде што почнав. Има нешто во нас што го немаат другите, барем не така масовно: да се урива се што вреди без план и спремност ново да се изгради. Заради инает, заради сеир, заради суета, заради онака... да се врти муабает па и со последици.

И ВМРО ДПМНЕ и СДСМ (со соросоидите) се политичари. Но, не се исти иако сите, метафорично, се од ист род, од родот на птиците, да речеме.

“Неке птице никад не полете, цео живот чекају на то...“

Драган П. Латас

(25.01.2025)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk