Министерот за здравство Сашо Клековски денеска изјави дека скоро сите случаи со западнонилска треска во земјава се од Скопскиот регион и Велес, како и дека веќе се направени вонредни прскања, а проверено е дали општините ги запазиле планираните редовни прскања против комарци.

- Минатата година скоро сите случаи беа во јужна Македонија, сега скоро сите случаи се во Скопскиот регион заедно со Велес. Епидемиолошки власти постапија како што е соодветно. Направени се вонредни прскања на 200 метри околу живеалиштата на регистрираните пациенти, во Драчево каде што има пет потврдени случаи направено е прскање од земја, кое е поефективно отколку авионското прскање, рече Клековски во интервју за ТВ Канал 5.
Министерот посочи дека е направена контрола и во Скопје и во другите општини, а најголем дел од нив се придржувале кон редоследот за прскање против комарци.
- Сега останува на нас да примениме лична заштита и да се потрудиме да нема застојана вода по дворови, по бавчи итн, рече Клековски.
Тој посочи дека кај нас со години има западнонилска треска, а дека пикот бил во 2019 година.
- Заради минатогодишните случаи јас како дирeктор на ФЗО решив да издвоиме средства за тестирање на даруваната крв во Институтот за трансфузиологија за да спречиме пренос од крв. Инаку од човек на човек болеста не се пренесува, не се пренесува ни ако комарецот касне заразен човек, домаќин на друг. Домаќин на вирусот се диви птици и тие се заедно со комарците единствен начин на пренос - објасни Клековски.
Најголем број од случаите до пред некоја година, биле поврзани со летување во Грција, a годинава најголем број случаи има во реонот на Атика. Минатата година болеста стасала до Романија и Хрватска, што, вели министерот, значи не е нешто што е веќе типично само за Медитеранскиот брег, туку сега оди надвор од Медитеранскиот брег.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата