На денешната прес-конференција во Драмски театар Скопје беше претставена „Фрида“, приватен проект во соработка со Драмски театар Скопје, по текст на Драгана Левенска, во режија на Тамара Стојаноска. Претставата ќе има претпремиерна изведба на 18 октомври, а праизведбата е на 19 октомври, со почеток во 20:00 часот.
За првпат на македонската театарска сцена, „Фрида“ ја отвора приказната за Фрида Кало зад портретите и легендата. Не како недопирлива икона на поп-културата, туку како жена чие тело било обележано со болка, а чиј живот, љубови, загуби и противречности станале неразделни од уметноста што ја создавала. Несреќата што засекогаш го менува нејзиното тело, бурната љубов со Диего Ривера, предавствата, копнежот по мајчинство, слободата, политичките убедувања и интимните односи се дел од сценскиот пат кон човекот зад препознатливиот лик.
Претставата не е замислена како биографска хроника што ги подредува фактите од животот на Кало, туку како театарско истражување на она што останува кога ќе се тргне историската рамка. Авторката Драгана Левенска во процесот тргнала токму од Фрида која јавноста не ја гледа: Фрида во својот дом, зад затворените врати и без публика. Наместо потрага по „точната“ Фрида и „точниот“ Диего, фокусот е на човекот во нив, со слабости, страсти, стравови, љубов и противречности.
Режисерката Тамара Стојаноска го поставува прашањето што го одредило целиот процес: која е Фрида кога ќе се тргнат поп-културните митови и ликот што постојано циркулира низ јавниот простор? Нејзиното сценско читање го истражува просторот меѓу телото што ја заробува Фрида и духот што одбива да биде заробен. Преку нејзиниот внатрешен свет во претставата се отвора и просторот на магичниот реализам, во кој нејзините слики оживуваат и стануваат емотивни и визуелни патокази низ претставата.
„За нас, Фрида не е само историска фигура туку и метафора за човечката способност најдлабоката болка да се претвори во искрена уметност“, истакнува Стојаноска. Оттаму претставата не се занимава само со минатото туку и со прашањето што го остава пред современиот гледач: што правиме ние со сопствената болка?
Драгана Левенска, која е авторка на текстот и ја толкува Фрида Кало, вели дека одговорноста да се оживее историски лик ја натерала свесно да се врати кон основите на актерската работа и да го гради ликот без однапред зададена претстава за тоа каква „мора“ да биде Фрида.
„Ништо не форсиравме. Низ разговори, истражување и проби го оставивме ликот природно да се појави во мене. Колку повеќе ја градев Фрида, толку повеќе излегував од себе како Драгана и откривав нешто ново во себе, и како актерка и како човек“, вели Левенска.
За неа, суштината не е во имитацијата на историската личност. „Мојата Фрида не е имитација. Сакам да ја откријам жената зад иконата. А најмногу за неа можам да ви кажам токму таму, на сцена. За мојата Фрида, за вашата Фрида.“
Како Диего Ривера настапува Сашо Тасевски, кој го гради мексиканскиот муралист низ неговата уметничка жестокост, политичка страст и свест за границите на самата уметност. „Секој потег на четката на Диего Ривера бил офанзива, речиси крстоносен поход. Но и покрај огромната вера во моќта на уметноста, Диего бил свесен дека ни десет милиони слики не можат да нахранат еден гладен човек“, вели Тасевски.
Марија Бреслиска ја толкува Жозефина Бејкер, една од највпечатливите жени на 20 век и фигура што во многу нешта го надминала времето во кое живеела. Во создавањето на ликот Бреслиска го истражува танцот како јазик на телото преку кој се пренесуваат енергијата и живоста на Бејкер, но и суптилниот, интимен однос меѓу неа и Фрида.
Марија Талеска ја игра Кристина Кало, сестрата на Фрида, и својот актерски пристап го гради низ обидот ликот да не ја „игра“ Кристина, туку да ја почувствува, да ја разбере и да ѝ даде свој глас и вистина. За Талеска, магично-реалистичниот свет на претставата ги спојува реалноста, болката, љубовта, слободата и фантазијата, а Кристина ја гради и низ сопственото искуство, по принципот по кој самата Фрида го претворала личното во уметност.
Во актерската екипа се: Драгана Левенска како Фрида Кало, Сашо Тасевски како Диего Ривера, Марија Бреслиска како Жозефина Бејкер и Марија Талеска како Кристина Кало.
Креативниот тим го сочинуваат: Драгана Левенска – автор, Тамара Стојаноска – режисер, Филип Коруновски – сценограф, Иван Ивановиќ – костимограф, Марјан Неќак – композитор, Марта Поп Антоска-Башевска – изработка на накитот, Дарко Младеновски – дизајнер на светло, Ангелчо Петровски – вајар, Оливер Митковски – дизајнер на плакатот, Стефан Рајхл – фотограф, Анастасија Димковска – шминкер и фризер и Виктор Јовановски – лектор.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам, Почесниот конзулат на Соединетите Мексикански Држави во Република Северна Македонија, Фондацијата „Енвер Малиќи“, Дајнерс Клуб Македонија, Галеника и Пелистерка.
„Ни претставува особена чест да ја поддржиме премиерата на претставата посветена на Фрида Кало, симбол на мексиканската култура, уметност и креативен дух. Веруваме дека уметноста е мост што ги поврзува народите и културите, а оваа претстава е прекрасна можност за продлабочување на културните врски меѓу Мексико и Македонија. Задоволство ни е што оваа иницијатива ја поддржуваме заедно со Фондацијата ‘Енвер Малиќи’“, вели Албан Малиќи, почесен конзул на Мексико во Република Македонија.
„Фрида“ ја следи Кало од младоста и несреќата што го менува нејзиниот живот, преку љубовта и судирите со Диего, Детроит и Париз, до последните години во Сината куќа. Но зад историските точки останува едно поедноставно и потешко прашање: како човекот го претвора она што го крши во нешто што може да го надживее? Во таа пукнатина меѓу телото и духот, приватното и митот, болката и создавањето, претставата ја бара својата Фрида. Не како конечен одговор на тоа која била Фрида, туку како жива средба со жената зад митот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата