Тој ги здружи сили со режисерот на хит филмот „Кингсман“.
41 годишниот Кристијано Роналдо ја проширува својата деловна империја и влегува во филмската индустрија.
Познатиот фудбалер ги здружи силите со режисерот Метју Вон (55), познат по филмовите од серијалот „Кингсман“ (Kingsman), со кого ја основаше филмската и телевизиска продукциска куќа „UR Marv“, пишува heute.at.
Првиот заеднички проект е акциона комедија „Stuntnuts“, во која се појавуваат и познати холивудски имиња, како што се Крис Хемсворт, Сем Роквел и Мет Дејмон.
Според германскиот „Билд“, филмот треба да им биде претставен на претставници од филмската индустрија на „Американскиот филмски пазар“ (American Film Market).
Дејството следи двајца талентирани каскадери кои прифаќаат ангажман во голема холивудска продукција, со цел да заработат доволно пари за да ја спасат својата локална теретана.
Специфичноста на филмот е во тоа што главните улоги ги играат професионални каскадери, а не класични филмски актери.
Меѓу нив се Боби Холанд Хантон (42), кој со години беше каскадер-двојник на Крис Хемсворт, и Грег Таунли (30), кој го заменуваше Том Холанд во филмовите за „Спајдермен“.
Во филмот настапуваат и Пол Лоу, кој работел на филмовите за „Хари Потер“ и на серијата „Игра на тронови“, како и Харука Ошима, позната по својата работа на филмовите „Не е време за умирање“ и „Матрикс“.
За време на подготовките за филмот се случи сериозна несреќа. Грег Таунли падна од водокула неколку месеци пред почетокот на снимањето, при што се здоби со фрактури на 'рбетот на три места. Поради неговата повреда, продукцијата беше одложена неколку месеци.
Несреќата подоцна беше вклучена во сценариото за да се истакнат опасностите со кои се соочуваат професионалните каскадери во својата работа.
За Роналдо, ова претставува нов деловен потфат надвор од фудбалот, а според медиумските извештаи, веќе се подготвуваат и други филмски и телевизиски проекти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата