Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, гостуваше во емисијата „Конак“ на албанската телевизија СОТ7, каде говореше за бугарските донации во Општина Пустец, бугарските пасоши, пописот на населението и односот на албанската и македонската држава кон македонското малцинство во Албанија.
Стерјовски нагласи дека МАЕИ не се против хуманитарната помош или бесплатните медицински прегледи за жителите на Пустец, туку против, како што истакна, политичката и медиумската употреба на тие активности за создавање впечаток дека во општината живеат Бугари.

„Ние бевме против донациите што дојдоа токму од фондации од Бугарија и кои овие донации ги искористија во медиумите за да покажат дека во Општина Пустец живеат Бугари“, рече Стерјовски.
Во разговорот, новинарот Фроку посочи дека Пустец има сериозен недостаток од лекари, амбуланти, аптека и друга здравствена инфраструктура и постави прашање зошто би било спорно доаѓањето на бугарски лекари кои бесплатно прегледуваат жители.
Стерјовски се согласи дека состојбата со здравствената инфраструктура во Пустец е сериозна, но оцени дека токму ваквата состојба создава простор за политичко влијание.
„Најпрво вината е на нашата држава што нè остави во таа состојба. Овој вакуум сега го користи Бугарија за да го исполни, а тоа што го прави, го прави токму за овие цели“, истакна претседателот на МАЕИ.
Тој посочи дека според него, хуманитарните активности не треба да се претвораат во политичка пропаганда, особено во периодот на пописот.
Стерјовски посебно се осврна на прашањето за бугарските пасоши, нагласувајќи дека нивното добивање за дел од албанските граѓани претставува финансиски бизнис во кој се плаќаат значителни суми, а не доказ за националната припадност.
„Ние не сме против луѓето, ако сакаат – кој сака нека земе. Не сме против тоа што самите жители ќе прават. Но, бугарските пасоши не се бесплатни – тие се купуваат“, истакна Стерјовски.
Тој во емисијата повтори дека, според неговите наводи, за добивање бугарски пасош се плаќаат илјадници евра, а за некои случаи сумите достигнуваат и 15.000 до 20.000 евра.
„Ова е бизнис, како што ви реков, профитабилен со милиони евра“, рече Стерјовски, посочувајќи и на случаи за кои, како што наведе, албанската полиција презела мерки поради сомневања поврзани со плаќања за бугарски пасоши.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата