Македонија ја користи својата централна позиција на Балканот и на Коридорите 8 и 10 за конечно да стане клучна енергетска крстосница во регионот, се наведува во официјалното соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Целта на Владата е целосната интеграција во регионалните текови и директно поврзување со сите соседи.
Преку новиот интерконективен далековод Битола–Елбасан, во комбинација со веќе постојните мрежи кон Бугарија, Србија, Косово и Грција, се обезбедува стабилен пренос на струја и енергетска безбедност.
Во исто време, интензивно се работи и на гасната инфраструктура каде што се издвојуваат неколку големи инвестиции:
Интерконекторот со Грција е во завршна фаза. Станува збор за инвестиција од околу 60 милиони евра која на самиот старт ќе има капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за двојно зголемување. Овој двонасочен гасовод отвора пристап до нови извори на гас, прави поголема конкуренција на пазарот и гарантира сигурна работа за индустријата и домаќинствата.
Следниот чекор е гасното поврзување со Србија. Со изградбата на овој северен интерконектор, Македонија станува транзитна рута за гасот што доаѓа од југ и од терминалот во Александрополис кон Централна Европа. Ова отвора врати за големи странски инвестиции, дата-центри и компании за вештачка интелигенција кои бараат огромни количини стабилна енергија, велат од партијата.
Покрај овие проекти, се става во функција и продуктоводот од Солун до ОКТА, се рестартира гасоводот Велес–Штип, се гради делницата Гостивар–Кичево и се подготвува продолжување на мрежата од Тетово кон Косово.
Од партијата порачуваат дека визијата е јасна: Македонија повеќе да не биде слепо црево на енергетските мапи, туку активен регионален центар кој преку повеќе извори на енергија ќе овозможи посилна економија и подобар животен стандард.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата