Наместо да повикува Филипче на обединување за промена на Устав со цел внесување на Бугарите, може еднаш барем да застане на страната на Македонија, на македонската страна и да се приклучи на ВМРО-ДПМНЕ во одбрана на македонските интереси, рече Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција.
– Интересно е што оваа теза за поврзаност на Филипче со бугарските власти, се потврдува откако јасно говоревме дека чуварот на фотелјата на Заев, Венко Филипче е директно уценет од страна на бугарски политичари за да ги шири и спроведува нивните политики во Македонија. Филипче должи одговор, дали е дел од бугарските мисии во Скопје за кои говори отворено бугарската министерка Петрова Чамова? Доколку Венко Филипче го избегне ова директно прашање и не одговори, јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ повторно е во право за неговите соработувања со бугарските власти – заклучи Манасиевски.
Тој повтори дека Филипче е најголем промотор на бугарските позиции во Скопје.
– Филипче и СДС, ден-денес имаат ист став по однос на уставните измени со бугарските власти, предводени токму од Румен Радев. Филипче и СДС имаат ист став со бугарските власти дека ние сме „северномакедонци“, дека Гоце Делчев е Бугарин, но кога ќе се дојде до темата уставни измени, тука Бугарија вели јасно и гласно дека тоа не е последниот чекор на Македонија кој треба да го испорача за да стане дел од европското семејство, додека уценетиот Филипче од негови познати причини ги лаже граѓаните дека ова е последниот чекор и дека утредента ќе станеме дел од ЕУ. Филипче и СДС кои немаат никаква визија, програма и концепт за тоа како треба да се води партија, а камо ли држава, одат со главата во ѕид и се ставаат на услуга на бугарските власти мислејќи дека со удоволување на нивните барања ќе дојдат на власт – вели Манасиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата