Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски објави дека испраќаат помош за Гостивар по забраната за пиење на водата откако голем број граѓани побараа лекарска помош со симптоми на труење, а надлежните институции истражуваат што се случило со водата од градскиот водовод во градот.
- Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност! Град Скопје веднаш испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, со цел да им се обезбеди безбедна вода за пиење во периодот додека траат испитувањата и сè до целосно надминување на состојбата. Како претседател на ЗЕЛС, упатувам апел до сите мои колеги градоначалници, во рамките на своите можности, да понудат и испратат помош. Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами, објави Ѓорѓиевски.
Тој изрази загриженост за целиот случај и упати апел до надлежните институции темелно и транспарентно да ги утврдат причините, а доколку се утврдат неправилности – да има одговорност.
- Град Скопје и јас како градоначалник ќе останеме со гостиварчани сè додека трае оваа состојба. Нашата помош и поддршка ќе бидат постојани, сè до нејзино целосно надминување. Во неволја се познава човечноста, вели Ѓорѓиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата