Тензично било изутрината (23.01.2024) пред ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка, меѓу полицијата и родители што вчера и денес го продолжија протестот, почнат уште во првото полугодие, против, како што велат, „незаконско воведување паралелка на албански јазик во училиштето, незаконско назначување на в.д директорката и незаконски огласи за вработувања“ .
Тензии имало и вчера, вели Цвета Пешевска, претседателка на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“, за Радио Слободна Европа
„Вчера (22.01) полицијата се обиде да направи кордон за да влезе в.д.директорката. Тука имаше реакција од граѓаните. Денеска повторно, преку кордон се обидоа да внесат наставници на што ние се спротиставивме. На една жена и се слоши. Дојде и Брза помош“, изјави Пешевска за РСЕ.
Според неа, на протестот имало околу 30 жители на Чашка и уште толку полицајци.
Советот на родители бара итна оставка на в.д.директорката Елена Николова и поништување на огласите за вработувања.
Во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка нема настава од 22 ноември, кога родителите почнаа да протестираат, а учениците да губат часови.
Проблемот почна од август 2023, кога Министерството за образование и наука(МОН) му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски и Министерството за образование наложи да се отвори паралелка на албански јазик за неколку првачиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата