Најмалку шест месеци до една година ќе бидат потребни за спроведување на законските измени кои ќе им овозможат на полициските службеници при легитимирањето на граѓаните да ги прифатат дигиталните документи - лична карта и возачка дозвола.
Како што изјави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, моментно се работи на мапирање на членовите и конкретните закони кои треба да се сменат, а МВР работи на обезбедување технолошки можности во новите автомобили што ги набавува, за полицајците да можат да ја вршат потоа својата работа.
-Ова е процес што мора да почне, а почнува од Министерството за дигитална трансформација со формирањето на дигиталниот паричник, кој е уреден во Законот за електронски документи, член 20 г, кој утврдува кој е начинот на верификација. Од ова, како и со целиот процес на дигитализација почнуваат промени во сите други институции. Ние веќе променивме 140 закони што се однесуваат на прифаќањето на електронски документи кои бараат фотокопипи од податоци. На истиот начин ќе пристапиме и на ова, рече Андоновски, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на Саемот „Енерго технома 2026“.
Според него, МВР е партнер во целиот процес од првиот ден.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата