logo
logo
logo

ПРЕПОЛНА САЛА ЗА ПРЕДАВАЊЕТО НА СВЕТСКИ ПОЗНАТАТА НАУЧНИЧКА СВЕТЛАНА МОЈСОВ ВО МАНУ

Vecer | 28.09.2026

ПРЕПОЛНА САЛА ЗА ПРЕДАВАЊЕТО НА СВЕТСКИ ПОЗНАТАТА НАУЧНИЧКА СВЕТЛАНА МОЈСОВ ВО МАНУ

Салата во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска на пладне беше претесна да ги прими сите гости, академици, доктори, хемичари, студенти, кои сакаа да присустуваат на предвањето на светски познатата и реномирана научничка, Македонката Светлана Мојсов, хемичарка родена во Скопје, чие истражување на хормонот GLP-1 го отвори патот кон револуционерните терапии за дијабетес и дебелина, како создавање на лекот „оземпик“.

Цела сала стана и ѝ аплаудираше на Мојсов кога го заврши предавањето, а потоа долга беше редицата на сите што сакаа лично да се поздрават и да ѝ честитаат на успехот. Мојсов, пред преполната сала се заблагодари за можноста да одржи предавање во МАНУ, додавајќи дека за неа тоа претставува огромна чест.

- Бидејќи 50 години работам во САД, предавњето ќе биде на англиски јазик, рече Мојсов.

Темата на предавањето беше „„GLP-1: Хемијата е од суштинско значење: Од потенцијален пептид до ефикасни лекови за дијабетес и дебелина“,

Предвањето беше по повод пристапувањето за член на МАНУ надвор од работниот состав. Таа беше избрана на Изборното собрание на Академијата на 7 ноември 2025 година. Решението денеска ѝ го врачи претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, кој ѝ посака добрдојде во редовите на највисоката научна институција во државата.

- Се надевам дека нема да помине долго време пред повторно да бидете гостинка во Македонија, рече академик Попов.

Академик Димитар Ефремов во пригодниот говор рече дека вваа награда е уште едно признание за нејзиниот животен и професионален пат, како и за научните достигнувања со кои таа остави длабока и трајна трага во современата биомедицинска наука.​

- Професор Мојсов е една од најистакнатите и најпризнаените биохемичари на нашето време. Нејзината научна работа претставува редок пример за тоа како темелните истражувања водени од научна љубопитност, прецизност и истрајност може да доведат до откритија со исклучително значење за медицината и за човечкото здравје. Со своите истражувања на пептидните хормони, таа ги постави научните основи за развој на една нова класа лекови, благодарение на кои денес се подобрува здравјето, квалитетот и должината на животот на милиони луѓе во целиот свет. Нејзиното присуство меѓу нас денес има особено значење. Таа е родена во Скопје, каде што го поминува детството и го започнува своето образование. На рана возраст се преселува во Белград поради професионалните обврски на нејзиниот татко, Лазар Мојсов, министер за надворешни работи и еден од најистакнатите македонски политичари во поранешна Југославија. Во 1971 година дипломира на Факултетот за физичка хемија во Белград, а следната година заминува во Соединетите Американски Држави, кажа академик Ефремов во говорот.

За нејзиниот извонреден и фундаментален придонес во светската наука и афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови, на свечена церемонија во саботата претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ја одликуваше истражувачката Мојсов со Орден „8 Септември“.

Светлана Мојсов е родена на 8 декември 1947 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршила во родниот град. Поради професионалните обврски на нејзиниот татко Лазар Мојсов, министер за надворешни работи и еден од најистакнатите македонски политичари во поранешна Југославија, се преселила во Белград каде што во 1971 година дипломирала физичка хемија на Природно-математичкиот факултет на белградскиот универзитет. Следната година запишала докторски студии на Универзитетот „Рокфелер“ во Њујорк, каде што работела под менторство на Брус Мерифилд. Докторирала во 1978 година.

Нејзините истражувања се фокусирале на синтеза на пептиди во цврста фаза, што кулминирало со синтезата на панкреасниот хормон глукагон.

Во 1983 година се преселила во Бостон и започнала работа во Одделението за ендокринологија на Општата болница во Масачусетс. Во соработка со Џоел Хабенер и Гордон Вир, учествувала во истражувањата што довеле до идентификација на глукагон-сличниот пептид 1 (GLP-1), хормон кој го стимулира создавањето инсулин и има значајна улога во метаболизмот на глукозата. Во 1990 година Мојсов се вратила на Рокфелеровиот универзитет, каде што е избрана за доцент, а од 2002 година вонреден професор за истражување.

Мојсов е добитничка е на бројни светски награди и признанија. Во земјава, таа ја доби Светската награда на хуманизмот на градот Охрид, прогласена е за почесен професор на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, а предложена е и за почесен професор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk