Со фестивалот на улична уметност „French Connection“, на 16 и 17 октомври, Фондацијата „Скопје 2028“ го најавува почетокот на својата јавна програма
Директорот на Фондацијата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, Марјан Цветковски, и директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, потпишаа Меморандум за соработка, под покровителство на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер.
Со Меморандумот се воспоставува стратешко партнерство за унапредување на културната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на уметничката размена и развојот на културните и креативните индустрии во рамките на титулата Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

„Очекувам во периодот што следува, особено во годината на титулата и потоа, француската култура да добие соодветно место на македонската културна сцена, а домашните уметници и културни творци да добијат повеќе можности да ја претстават македонската култура и традиција пред француската јавност. Денеска ја зајакнуваме културната соработка за да отвориме простор за размена на искуства и реализација на повеќе заеднички проекти“, изјави Марјан Цветковски, директор на Фондацијата „Скопје 2028“.
Потпишувањето на Меморандумот е продолжение на воспоставената соработка меѓу Скопје и Франција, во која значајно место има и партнерството меѓу фондациите на Скопје и Бурж, градот со кој Скопје ја споделува титулата Европска престолнина на културата. Новото партнерство отвора можности за заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти, како и за нови иницијативи во културните и креативните индустрии.

Првата иницијатива што произлегува од оваа соработка е Фестивалот на улична уметност „French Connection“, чие прво издание ќе се одржи на 16 и 17 октомври во Скопје. Фестивалот е и првиот официјален јавен настан со кој Фондацијата „Скопје 2028“ ја најавува својата програма. Организатори се Францускиот институт во Скопје, Фондацијата „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ и Универзална сала.
Француската култура излегува на скопските улици! На 16 и 17 октомври, фестивалот „French Connection“ ќе го означи почетокот на оваа културна соработка со своето прво издание во Скопје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата