Тројца жители на Кавадарци се прогласени за виновни за убиството на 43 - годишниот П. Т, кое се случи пред казино во центарот на градот пред една година. Обвинетите за делото беа Д. Б (27), М. Ѓ (36) и Д. С (28), сите од Кавадарци.
Основниот суд Кавадарци ги прогласи за обвинетите за виновни за кривично дело „Убиство “ од член 123 став 1 во врска со член 22 од кривичниот законик и им изрече казна затвор од траење од по 10 години.
„Кривичниот совет при Основен суд Кавадарци обвинетите за кривично дело Убиство од чл.123 ст.1 в.в со чл.22 од Кривичниот законик ги прогласи за виновни и ги осуди на казна затвор во траење од по 10 години за секој осуден. Во кривичниот предмет немаше признание на вина и на обвинетите им е продолжен притворот бидејќи истите се прогласени за виновни“, соопшти Основниот суд Кавадарци.
Убиството се случи на 27 август 2025 пред 5 часот, кога тројцата обвинети со П. Т. имале вербална расправија во казиното. Потоа излегле надвор, физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по целото тело и глава. Тој се обидел да влезе во казиното, но изгубил свест. Со ударите му нанеле повеќе тешки телесни повреди. Тоа се случувало на заден влез од казино во центарот на Кавадарци, на улицата Никола Минчев. Нападнатиот од добиените удари починал на лице место. Кога за 15 минути дошла екипата на Итната помош, таа можела да констатира дека лицето е починато од повредите во главата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата