logo
logo
logo

Советот на МРТ очекува 3 приоритети во работата

ЗОРАН РИСТОСКИ Е НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ЈАВНИОТ СЕРВИС

Vecer | 23.04.2026

ЗОРАН РИСТОСКИ Е НОВИОТ ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА ЈАВНИОТ СЕРВИС

Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија го избра Зоран Ристоски – Ѓуза за нов прв човек на јавниот сервис. За Ристоски гласале 12 од 13 членови на Советот. Меѓу конкурентите на Ристоски кои се пријавиле на конкурсот биле Тони Гламчевски, Искра Ребац, Перо Попов, Зоран Богатинов, Сотир Сотировски и Игор Себишки.

Програмскиот совет појаснува дека за раководната позиција биле разгледани вкупно 6 пристигнати кандидатури. Со цел да се обезбеди непристрасност, изборот се одвивал според специфичен принцип на анонимност: сите програми за работа биле доставени под шифра, без членовите на Советот да имаат увид во идентитетот на кандидатите.

Откако била утврдена најдобро оценетата програма, бил отворен ковертот за да се открие името на кандидатот зад неа. По откривањето на идентитетот на Ристоски, извршена е проверка дали тој ги исполнува законските услови и дали има комплетна документација.

Програмскиот совет упати јасни очекувања до новоизбраниот директор. Од него се бара функцијата да ја извршува одговорно и професионално, со фокус на три клучни приоритети: Зајакнување на улогата на МРТ како сервис од особен јавен интерес, суштинско унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените во телевизијата.

За утре е предвиден избор на заменик директор на МРТ кој традиционално му припаѓа на претставник од албанската етничка заедница. Според информациите во медиумите пријавени се 12 лица.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk