Градскиот воз во Скопје за само три дена од пуштањето во употреба превезе околу 1.500 патници, а првичните анализи покажуваат дека интересот кај граѓаните е добар и се очекува бројката значително да расте во периодот што следи. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во гостување на ТВ Сител, посочи дека позитивниот интерес отвора простор за натамошно развивање на железничкиот сообраќај во Скопје. Според плановите, железничкиот превоз треба да биде проширен со уште две линии, со кои повеќе приградски населби ќе се поврзат со Новата железничка станица, со што би се овозможила подобра поврзаност и поголема достапност на градскиот железнички превоз.
„Првичните анализи се добри, за три дена имаше некаде околу 1.500 патници. Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници. Нашата проценка е дека околу 200.000 жители се опфатени со правата линија од градскиот воз“, изјави Николоски.
Според него, веќе се работи на проектирањето на уште две траси, кои треба да го прошират опфатот на градскиот воз и да поврзат поголем број населени места со Скопје.
Првата планирана траса треба да се движи од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село. Втората би го поврзувала северозападниот дел од градот, односно Нова железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата