Обвинетиот за палењето на двете дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје кој беше уапсен во рекордно време по делото и кого некој од амбасадата крајно симптоматично во движење и во цел „круг“ го следеше и снимаше со мобилен телефон, на денешното судско рочиште ја призна вината за делото што го стори на 15 јуни годинава.
– Се чувствувам виновен и во целост ја признавам вината. Сам одлучив – изјави обвинетиот пред судот.
Станува збор за 44-годишниот скопјанец, кој на 15 јуни 2026 година, околу 12:05 часот, запали две дипломатски возила паркирани пред Амбасадата на Република Бугарија, на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје.
На денот на инцидентот тој излегол од својот дом и со автобус пристигнал во центарот на Скопје. На бензинска пумпа на „Макпетрол“ во близина на амбасадата наполнил бензин во пластично шише, по што ја преминал улицата и се приближил до паркираните дипломатски возила. Ги полеал со бензин, ги запалил со запалка и веднаш го напуштил местото на настанот.
Опожарените возила ги користеле военото аташе на Бугарија и други вработени во дипломатското претставништво. Инцидентот предизвика реакции во јавноста, а полицијата истиот ден го идентификуваше и го приведе осомничениот.
Првично, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка за кривичното дело Предизвикување општа опасност. По дополнителните сознанија предметот беше преземен од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое на 16 септември поднесе обвинителен акт за кривичното дело Загрозување лица под меѓународна заштита.
На денешното рочиште беше посочено дека обвинетиот бил пресметлив во моментот на извршување на делото, но дека кај него се утврдени одредени нарушувања, поради што пред судот ќе биде повикан и вештак.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата