logo
logo
logo

АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВЕЌЕ НЕМА ИЗГОВОРИ, со Законот за правична застапеност ќе се подобри квалитетот на услугите

Vecer | 08.04.2026

АДМИНИСТРАЦИЈАТА ВЕЌЕ НЕМА ИЗГОВОРИ, со Законот за правична застапеност ќе се подобри квалитетот на услугите

Законот за правична застапеност, покрај соодветна застапеност, ќе го подобри квалитетот на работата на администрацијата, изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, по означувањето на реконструкцијата на улица во општина Шуто Оризари.

Законот набргу треба да оди во собраниска процедура, ги поминал сите филтри на Владата, добил позитивно мислење од Венецијанската комисија и покрај правичната застапеност, ќе понуди и квалитет, што, како што посочи премиерот, досега можеби не бил ставен во фокусот.

– Јас мислам дека со овој закон за правична застапеност, конечно, ќе се надминат сите стереотипи од минатото, сите антиуставни елементи, сето она што претставуваше, би рекол, камен на сопнување во минатото. Конечно, се нуди решение што ќе ги реши овие проблеми и да можеме сите заедно правично застапени да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија – изјави Мицкоски.

Премиерот смета дека главна цел на носењето на законот е подобрување на квалитетот на функционирањето на администрацијата. Тој дополни дека како Влада и тој како претседател се согласиле на условите што биле побарани од синдикатите – Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудствто на Македонија (САДУ) и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните – УПОЗ на последната седница на Економско-социјалниот совет во однос на зголемување на платите и нагласи оти е важно да се добие подобар квалитет од администрацијата.

– Тоа ни е главна цел. Јас на последниот Економско-социјален совет пред партнерите, но и пред синдикатите на синдикалните подружници во администрацијата и САДУ и УПОЗ, се согласив на условите како претседател на Владата, на условите што тие ги бараа од Владата. Но, тогаш поставив едно прашање: Дали вие сте сложни ние да го мериме задоволството на граѓаните од работата на администрацијата? Ние веќе тоа го мериме трет месец по ред – рече премиерот.

Мицкоски нагласи дека денеска нема да ги споделува бројките, но најави дека на следната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги претстави пред партнерите.

– Затоа што, еве, историски договор, историско покачувања на платите, сето она што се бараше од нас како Влада ние го направивме, сега очекуваме заедно со граѓаните од страна на администрацијата да добиеме подобар квалитет – изјави премиерот.

Тој додаде дека е свесен оти со едно законско решение не може да се реши сè нагласувајќи дека е потребна свест и да се работи и на менталитетот и повтори дека на наредната седница на Економско-социјалниот совет ќе ги претстави резултатите пред партнерите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk