logo
logo
logo

БРТ СТАНУВА РЕАЛНОСТ - Работите на терен почнуваат на пролет

Vecer | 16.09.2026

БРТ СТАНУВА РЕАЛНОСТ - Работите на терен почнуваат на пролет

Паралелно со процесот за интеграција на железничкиот и автобускиот превоз, Градот Скопје во наредните денови ја отвора тендерската постапка за проектирање и изградба на долго најавуваниот проект за брз автобуски превоз (БРТ), во координација со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Како што најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, доколку сè се одвива според предвидената динамика, градежните работи на терен треба да започнат кон крајот на пролетта во 2027 година, а проектот целосно да профункционира до крајот на неговиот градоначалнички мандат.

БРТ-системот е замислен да ја поврзува оската од Ѓорче Петров до населбата Аеродром, со импресивна фреквенција која на патниците ќе им овозможи да чекаат возило помалку од шест минути. Во рамките на овој капитален зафат планирана е и набавка на дополнителни 40 еколошки автобуси.

Според градските власти, целта е граѓаните да добијат три сигурни и модерни алтернативи за секојдневно движење низ градот, градскиот воз, новите автобуси и БРТ-линијата, со што масовно ќе се намали употребата на приватните автомобили.

Иако проектот во минатото предизвикуваше жестоки полемики, меѓу другото и поради зафатите врз средишното зеленило на булеварите, Ѓорѓиевски призна дека дел од тогашните критики биле оправдани, но потенцираше дека стратешките проекти за подобрување на урбаниот живот мора да продолжат. Во знак на институционален континуитет, тој дури најави дека на официјалното пуштање во употреба на БРТ-системот планира да го покани и поранешниот градоначалник Петре Шилегов, кој беше негов главен иницијатор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk