logo
logo
logo

Нови кадри во здравството: САШО КЛЕКОВСКИ ОФИЦИЈАЛНО Е НОВ МИНИСТЕР

Vecer | 14.07.2026

Нови кадри во здравството: САШО КЛЕКОВСКИ ОФИЦИЈАЛНО Е НОВ МИНИСТЕР

Во Министерството за здравство денеска се изврши примопредавање на функцијата министер за здравство од досегашниот министер Азир Алиу на новоименуваниот министер за здравство, Сашо Клековски.

-На средбата се разговараше за досегашните проекти, тековни процеси и активности кои во изминатиот период беа во фокусот на Министерството, информираат од Министерството.

Собранието го избра Сашо Клековски за нов министер за здравство, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на реконструкцијата на Владата.

Клековски досега ја извршуваше функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на УАЦС.

Во неговата биографија посочува дека ја вршел функцијата прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Наведува дека од 2013 до 2016 година бил предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии.

Во јавниот сектор учествувал во подготовката на повеќе национални стратегии, како на пример првата Стратегија за соработка на Владата со граѓанскиот сектор 2007-2011 година и првата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата 2007-2011 година, како и на јакнење на капацитетот на институции, како што се Народен правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во биографијата наведува и дека од 2012 до 2024 година бил колумнист во дневниот весник „Нова Македонија“, а своите ставови ги објавувал и на блогот „Меѓутоа“.

Изборот на Клековски е дел од кадровските промени што се реализираат со реконструкцијата на Владата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk