Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, пристигна во најавената официјална посета на земјава, објави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој со цвеќе ја пречека вечерва на скопскиот аеродром.
„Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности. Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји“, вели Муцунски.
Поради посетата на претседателката Мурму, МВР до четврток воведе посебен режим на сообраќај на поширокото централно подрачје на Скопје, како и во Охрид, и ги повика возачите да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници.
Според најавите, индиската претседателка ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателката по што ќе следуваат тет-а-тет средба, пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на претседателките.
Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, како и да се обрати во македонското Собрание. Ќе се одржи македонско-индиски бизнис-форум, организиран од страна на Кабинетот на претседателката, во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На вториот ден од официјалната посета, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди.
По церемонијата во Музејот на град Скопје, тие ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот дел на Охрид.
Во пресрет на посетата, амбасадор на Индија во Македонија, Арун Кумар Саху, кажа дека претседателката ќе биде придружувана од висока официјална делегација која, според него, вклучува еден министер, двајца пратеници, високи функционери, но и бизнис делегација од околу 40 луѓе од различни области.
На новинарско прашање како, покрај лошите искуства, граѓаните да поверуваат дека индискиот бизнис не е само Субрата Рој, амбасадорот кажа дека тоа е минато, како и дека не може еден лош пример да ја оцрни цела деловна заедница.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата