Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вечерва изјави дека неколку луѓе се повикани на информативен разговор во врска со денеска проширените шпекулации дека водата во Скопје е загадена со бактеријата ешерихија коли.
На социјалните мрежи утрово молскавично се проширија информации дека скопската вода е загадена, поради што мораа да реагираат и властите, а скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и се напи вода од чешма на прес-конференција.
Муцунски вечерва во гостување рече дека мора да има одговорност за раширената паника.
– Како што сум информиран МВР има повикано повеќе лица на информативен разговор и според мене мора да има одговорност за ова што се случува. Не може туку така да споделувате информации и да ширите паника – рече Муцунски, кој, исто како и Ѓорѓиевски пред него, директно го обвини опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за ширење на лажните информации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата